„Цела низа индикатори, од вооружувањето и зголемувањето на бројот на војници до економските и политичките промени, укажуваат на еден можен датум за руски напад врз НАТО – 2029 година. И дали тоа би можело да се случи порано? Да“, оцени Бројер.
Затоа, објасни тој, НАТО мора да постигне целосна борбена готовност, да ги зајакне своите воени капацитети до 2029 година и да обезбеди технолошка супериорност за 2035 година и периодот потоа. „Насоката кон која треба да одиме е дефинирана со новата воена стратегија и профилот на капацитетите што ги развиваме“, додаде тој.
Неговиот британски колега Ричард Најтон истакна дека е тешко да се предвиди точниот датум, но дека заканата очигледно расте. „Русија спроведува борбени операции во Украина, додека учи и развива нови технологии. (Рускиот претседател Владимир) Путин покажа дека е подготвен да нападне суверени држави. Колку сте поблиску до руската граница, толку посилно се чувствува оваа опасност“, смета Најтон.
Предупредувањето доаѓа откако разузнавачката служба на Естонија во својот годишен извештај наведе дека Русија нема намера да започне воен напад врз членка на НАТО оваа или следната година, но ќе продолжи да ги обновува своите оружени сили.
Претходно, генерал-потполковник Гералд Функе, началник на Заедничката команда за поддршка на Бундесверот, предупреди дека Русија би можела да ги нападне земјите од НАТО во следните две до три години.
Во меѓувреме, НАТО објави планови за создавање беспилотна роботска зона по должината на границата со Русија и Белорусија во текот на следните две години, каде што планира однапред да распореди значително повеќе оружје.






