„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека Иран никогаш не може да добие нуклеарна бомба“, рече Ливит во соопштението, истакнувајќи дека предлогот на САД му бил презентиран на Иран, пренесува Ројтерс.
Претходно, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека Техеран добил „елементи“ од американскиот предлог за потенцијален нуклеарен договор од оманскиот министер за надворешни работи, Бадр ал-Бусаиди, по пет рунди разговори.
„Бусаиди денеска, за време на кратката посета на Техеран, ги презентираше елементите на американскиот предлог, на кој ќе биде одговорено на адекватен начин во согласност со принципите, националните интереси и правата на народот на Иран“, изјави Аракчи на социјалната мрежа Икс.
Ројтерс објави дека се очекува наскоро да се одржи шестата рунда разговори меѓу Вашингтон и Техеран за нуклеарната програма на Иран, но датумот и локацијата сè уште не се познати.
Американските претставници постојано наведуваат дека секој нов нуклеарен договор со Иран, кој треба да го замени неуспешниот договор од 2015 година меѓу Техеран и шесте светски сили, мора да вклучува обврска за запирање на збогатувањето на ураниум, што се смета за потенцијален пат кон развој на нуклеарни бомби.
Иран постојано ги негираше таквите намери, наведувајќи дека сака нуклеарна енергија исклучиво за цивилни цели и јавно го отфрли барањето на Вашингтон да прекине со збогатување ураниум како напад на неговиот суверенитет.
Меѓутоа, во извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се наведува дека Иран ги зголемил залихите на збогатен ураниум и дека спроведува тајни нуклеарни активности користејќи материјал што не е пријавен во МААЕ.