Ливерпул синоќа со 5-1 го совлада Тотнем и за прв пат пред своите фанови стана шампион на Англија (титулата во 2020 беше пред празни трибини поради пандемијата на ковид-19).
Во следниот период ќе се слави многу во црвената половина на Мерсисајд, но сезоната не е целосно завршена за Мохамед Салах.
Египјанецот во преостанатите четири натпревари на Ливерпул ќе се обиде да го собори рекордот на Алан Ширер стар 30 години.
„Сега ќе бркам инволвираност во погодоци… се надевам дека што поскоро ќе го соборам овој рекорд. Знам дека го соборив рекордот кога е во прашање сезона со 38 натпревари. Сега ми треба уште еден гол или асистенција, така? Ги броев!“ – вели напаѓачот на Ливерпул.
Мохамед Салах до овој момент е инволвиран во 46 голови на Ливерпул (28 голови и 18 асистенции) и го надмина рекордот на Ерлинг Халанд (инволвиран во 44 голови во 2022/23) кога е во прашање сезона од 38 натпревари .
Алан Ширер, во сезоната 1994/95, која имаше 42 натпревари, учестуваше во 47 погодоци за својот тим Блекбурн (34 погодоци и 13 асистенции).