Двете екипи приредија инспиративен натпревар кој уште еднаш ја потврди силата на спортот да обединува, а средбата заврши во вистински фер-плеј, со нерешен резултат од 2 : 2, а притоа, најголем победник беше самата идеја за шутбалот, новата спортска дисциплина која ја добива својата заслужена видливост и поддршка и во Македонија.
Настанот се одржа во организација на Клиника Жан Митрев, која е основоположник на овој спорт во нашата земја. Преку овој проект, Клиниката потврдува дека медицината и спортот можат да одат рака под рака кога целта е промоција на здравјето, физичката активност и инклузивноста. Со оваа средба, Македонија и Хрватска уште еднаш покажаа дека спортот е најдобар мост за пријателство и соработка, а шутбалот – новиот симбол на здравје и заедништво.
Дополнително, во просториите на Клиника Жан Митрев се одржа широк аудиториум за состојбите и условите во кој се развива овој спорт, а кој во светот добива неверојатна експанзија и се шири многу брзо. Беа разменети мислења, искуства и поставени се темели за посериозно понатамошно развивање на овој спорт , кој во Македониј навистина има голем потенцијал со оглед на тоа дека ова е спорт за лица во поодминати години и луѓе кои што сакаат да „стареат здраво“.
Walking football, познат и како шутбал, претставува револуција во спортот: игра без трчање, со акцент на одење, рекреација, тимска игра и социјализација. Ова го прави идеален избор за повозрасни лица, пациенти во рехабилитација, хронично болни, дијабетичари, хендикепирани лица и за сите кои сакаат да водат активен и здрав животен стил
Екипата на Клиника Жан Митрев „Wild hogs” е веќе редовен учесник на меѓународни турнири, претставувајќи ја Македонија во овој спорт како основоположник, борец за развој и промотор на нешто што во европски и светски рамки е во апсолутна експанзија создавајќи свои национални лиги и федерации.
Со поддршка од FIFA и UEFA, овој спорт бележи глобален раст и станува препознаен како здравствено корисна и безбедна алтернатива на традиционалниот фудбал. Преку ваквите меѓународни натпревари, Клиника Жан Митрев ја зајакнува својата мисија, да создаде движење што ќе ја шири културата на спортот и здравиот начин на живот во Македонија и регионот.
















