На таквата прослава на фудбалерите на Вардар, денеска реагираше Министерството за спорт од каде излегоа со осуда за чинот.
„Во однос на синоќешните видеоснимки кои се појавија од прославата на ФК Вардар, како Министерство сакаме да ја известиме македонската јавност дека недвосмислено го осудуваме ваквиот тип прослави, кои вклучуваат навреди по која било основа, особено доколку во нив се вклучени спортски работници, играчи, селектори и лица од јавниот живот.
Слични случувања имаше и минатата недела во Кавадарци, со политички конотации и навреди кон спортски институции, меѓу кои и ФФМ, а истото сега повторно се повторува.
Министерството за спорт најостро ги осудува ваквите провокации и јавно бара чинителите да и се извинат на македонската јавност. Воедно апелираме вакви случувања во иднина да не се повторуваат, затоа што Министерството за спорт ќе изнајде начин секој ваков настан соодветно да биде санкциониран.
Ги разбираме ривалствата меѓу екипите, но не треба да се заборави дека спортот се игра за публиката и дека сите чинители имаат одговорност кон јавноста и општеството“, стои во соопштението на Министерството за спорт.






