Македонските кошаркари против Шпанија ги отвараат квалификациите за Мундобаскетот. Шпанците во Скопје доаѓаат без играчите од НБА и Евролигата, но Бајиќ вели дека тие со кои состав и да дојдат се силни.
„Среќен сум што имам шанса да работам со овие момци и да тргнеме во овие квалификации против светски првак како Шпанија. Имавме доста проблеми во претквалификациите, минавме со доста проблеми, останавме без некои играчи. Списокот беше поширок, но го скратив на 15 играчи, но уште во првиот ден останав без три играчи“, вели селекторот Драган Бајиќ.
„Не треба јас да ги мотивирам за Шпанија, туку тие самите. Кошаркарите знаат како треба да се однесуваат кон овој дрес. Без разлика во кој состав доаѓа, Шпанија е силен тим. Тука е и селекторот Скариоло. Но, како што кажав претходно, сум победувал посилни со послаби тимови. Влегуваме во овој дуел со самодоверба. Не смееме да губиме многу топки, да ја сопреме транзицијата на противникот и да играме меч со малку поспор ритам“.
„Сум имал шанси да играм против шпански тимови со клубови, се работи за еден систем на кошарка кој бара доста работа и влог за да се победи. Мора да ја играме нашата игра, за да се адаптираме на мечот кој следи. Немам притисок за резултатот, целта од моето доаѓање е да ја подмладам оваа репрезентација и да создадам тим кој во иднина ќе игра на Европско, а зошто да не, и на Светско првенство“.
Натпреварот меѓу Македонија и Шпанија се игра во петок со почеток од 19:30 часот во салата „Јане Сандански“.






