среда, 22 април 2026

Сефтето заврши, сега одиме по бодови против Украина

Објавено на

часот

Сподели

Дебито помина, македонските фудбалери се поискусни за еден натпревар на Европските првенства, избраниците на селекторот Ангеловски почувствуваа како е да се игра на еден голем турнир, па тој терет веќе е тргнат од плеќите.
 
Денеска Македонија го игра вториот меч, противник ни е селекцијата на Украина која по сите параметри е фаворит во овој меч. Но тоа не ја намалува надежта кај македонската јавност, а таа се темели на фактот дека нашата репрезентација знаела да извади добар резултат и со многу посилни селекции од Украинците.
 
„Ние дојдовме на ова Европско првенство со цел да се бориме за пласман во следната фаза и таа цел сѐ уште стои пред нас, а нѐ чека меч со директен конкурент, кој како и ние има нула бодови и ова е своевидно финале. Победникот од овој меч ќе си ги зголеми шансите за пласман, а ние немаме притисок, зашто Украина е фаворит, а за нив ако не успеат да нѐ победат и да се пласираат понатаму тоа ќе биде трагедија“, вели селекторот Ангеловски.
 
Поразениот од овој дуел веројатно ќе ги загуби шансите за пласман во следната фаза иако теоретски може и со три бода да се избори место во нокаут рундата. 
 
Заменик-капитенот, Стефан Ристовски е свесен дека овие натпревари се поинакви од квалификациските, на ЕП сите се мотивирани, подготвени и го даваат максимумот.
 
„На Европско играат сите најдобри, сите играат 90 минути, сите играат да победат, така и ние. Не дојдовме да бидеме туристи и Македонија има огромен квалитет, па ќе го покажеме тоа, да играме со два блока, со одлични контри и така можеме да дојдеме до три бода“, вели Ристовски.
 
Атмосферата во нашиот табор е позитивна, сите фудбалери се здрави и подготвени за игра. Не се очекуваат крупни промени на составот од страна на селекторот Ангеловски, евентуално може да се случи поместување на Стефан Ристовски на десната бековска позиција, а на негово место во централниот дел од одбраната да игра Бејтулаи или Кире Ристевски. При една таква промена жртва би бил Николов кој би се преселил на клупата.
 
Натпреварот меѓу Македонија и Украина почнува од 15 часот, а вториот дуел од нашата група, мечот меѓу Холандија и Австрија се игра вечерва од 21 часот.
 
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ