Во извонреден финиш Ивановски го престигна Џулијан Кипкоеч кој долго време водеше во трката. Македонецот прв влезе на целта со околу половина минута предност пред Кениецот, на третото место беше грузискиот атлетичар Давити Каразишвили.
„Ова е триумф за цела Македонија, за сите Македонци. Поздрав за сите што ме бодреа, но и за останатите што ме критикуваа. Покажав дека можам. Сега одам на добар бургер и на многу слатки. Уживајте сите“, изјави Ивановски по трката.
Втор Македонец на маратонот беше Жан Тошев со 16 минути заостанување зад Ивановски.
Кај дамите победи Ирене Џеруто од Кенија со време од 2:38:21 часа.
Во полумаратонската трка најбрз беше Албион Имери од Албанија, пред Македонците Иван Пешовски и Александар Арсов. Кај дамите, победничка е Греша Бакрачи од Косово, а пиедесталот го комплетираа Теа Божиновска и Милјана Ристиќ Стојчевска.
Ова беше 21 издание на Скопскиот маратон, оваа година учествуваа рекорден број учесници, повеќе од 14.000 од 58 земји.






