Пратениците од опозициските партии на Албанците го критикуваа законското решение посочувајќи дека со него не се предвидени квоти ниту, пак, како ќе се контролира дали правичната застапеност се почитува, а тоа, велат, ќе има долгорочни последници. Укажаа дека правичната и соодветената застапеност се столбот на Охридскиот рамковен договор и на Уставот. Сличен став имаше и пратеникот Сали Мурати, припадник на турската заедница, кој смета дека законското решение не е добро ниту за припадниците на другите етнички заедници.
За пратениците на Албанската лига (Илире Даути и Зијадин Села), треба да се гласа нивниот предлог-закон за правична застапеност.
Координаторот на пратеничката група на Влен, Беким Ќоку, ги потсети пратениците на ДУИ дека и Законот за употреба на јазиците бил донесен со мал Бадентер и дека никому тоа не му пречело. Ќоку кажа и дека на листата на закони што се носат со Бадентер се речиси 115, од кои повеќето со голем Бадентер.
Објасни дека пред да се гласа за законот донесена е одлука тој да го мине филтерот на Комитетот за односи меѓу заедниците и да се слушне гласот на пратениците.
Мал Бадентер е собраниски механизам според кој за одредени закони е потребно мнозинство гласови од присутните пратеници што припаѓаат на немнозинските заедници
Основната цел на предлог-законот за соодветна и правична застапеност е да обезбеди јасна, прецизна и применлива правна рамка за остварување на едно од темелните начела на уставниот поредок на земјата – соодветната и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции. Интенцијата е да се обезбеди доследна примена на овој принцип преку воспоставување јасни правила и механизми, кои ќе овозможат еднаков пристап до вработување и унапредување, како и фер и транспарентни постапки во јавниот сектор.
Воедно, се настојува да се постигне соодветен баланс помеѓу потребата од застапеност на припадниците на сите заедници во земјата, од една страна, и неопходноста од обезбедување на професионална, ефикасна и политички неутрална администрација, од друга. Законот е во прво читање и се носи во редовна постапка, а според најавите, пред да биде донесен за него треба да има јавна расправа.
МИА






