Во согласност со проекците на буџетот и како беше проектирано со носењето на буџетот, така се одива и финансирањето. Сето она што значеше да обезбедиме средства, најпрвин за отплата на старите долгови, сето тоа ние го направивме и дополнително на тоа она што треба да го обезбедиме до крајот на годината за сервисирање на буџетскиот дефицит. Тука имаме уште обврски или побарувања по основа на државни хартии од вредност или надворешно некаде меѓу 250 и 300 милиони евра, со цел сето она што ни било планирано да се реализира, но секако дека дел од тоа салдо ќе се пренесе и во 2027 година – посочи министерката за финансии во интервју за ТВ „Сител“.
Таа додаде дека за годинава нема планирано издавање нова еврообврзница и потсети дека еврообврзница веќе се издаде во јануари, со која се сервисира еврообврзницата издадена во 2020 година од 700 милиони евра и дека минатата недела е исплатена во целост. Притоа додаде дека во текот на денот е пристигнат приливот од кредитот од странски банки во износ од 260 милиони евра и се пристигнати средствата во согласност со реформската агенда, со што потенцира дека сè што е планиранот е реализирано.
„Ние оваа година имаме огромни обврски и секоја следна и постојано за ова сме во комуникација. Тоа значи дека првин треба да обезбедиме пари да ги вратиме старите долгови. Не се случило во светот, освен Либан, да имало доцнење во сервисирањето на своите обврски. Тоа е нешто најстрашно што може да ѝ бсе случи на една држава. Кога обврските ви се секоја година огромни, вие првин имате фокус и задача да ги сервисирате тие обврски, а понатаму се трудите да обезбедите колку можете за покривање на буџетскиот дефицит од тековната година“, истакна министерката.
Таа посочи дека најголемата тежина на Министерството за финансии е што сите долгови се концентрирани во 4 години и дека секоја година сигурно ќе има потреба од издавање еврообврзница, меѓутоа потенцира дека сигурно рочноста и структурата ќе се приспособат сè со цел да не се повторат грешките на претходната влада.
Осврнувајќи се дека јавниот долг во континуитет е на ниво околу 60 отсто, потенцира дека зголемувањето на долгот или задолжувањето не е страшно ако е правилно насочено.
„Секој нов долг насочен кон одреден проект што ќе има додадена вредност за економијата во суштина ќе го намалува тој процент на јавен долг и во овој момент сметам дека Владата успешно тоа го менаџира затоа што состојбата што ја наследивме беше алармантна“, рече министерката дополнувајќи дека, меѓу другото, како обврска е реализирана и отплата на првиот дел од солидарниот данок кон компаниите во износ од 1,5 милијарда денари или 25 милиони евра, што исто така е обврска наследена од претходната влада.
Таа потенцира дека буџетот е тековен, ликвиден и нема никаков проблем со сервисирање на обврските.
Во гостувањето се осврна на растот на БДП во првиот квартал, податок што беше објавен од Државниот завод за статистика, кој, според министерката, е еден циклус на континуиран пораст или стабилен раст на БДП, што е резултат на економската активност што се случува и укажува дека имаме навистина позитивна клима, која ќе продолжи и во наредниот период.
Посочи дека покрај јавните инвестиции, се случуваат и инвестиции во приватниот сектор, што се гледа преку двоцифрениот раст на кредитите, како и поддршката обезбедена од Владата со унгарскиот заем. Притоа истакна и дека се врши навремено и редовно повратот на ДДВ кон компаниите и дека заклучно со мај 2026 година има поголем поврат на ДДВ во однос на истиот период лани за 4,7 отсто.






