„Испишуваме ново поглавје во неврохирургијата. Големо е задоволството кога имаме развој во јавните здравствени установи преку воведување нови методи. Станува збор за минимално инвазивна постапка која се изведува со помош на рамка што се поставува врз главата на пациентот. Потоа, со помош на посебни тридимензионални пресметувања се планира точната локација на интервенцијата во внатрешноста на главата и се зема материјал за анализа“, вели министерот за здравство Азир Алиу.
Како што информира Министерството за здравство, за да се дојде до овој резултат претходеле подготовки со тим на експерти од Бразил, предводени од проф. Маноел Јакобсен Теишеира од Универзитетот Сао Паоло, како и инженерот Антонио Мартос Калво.
„Посебна благодарност до тимот од неврохируршките сали и од одделот за континуираната подршка во тек на работниот процес, како и до Клиниката за радиологија за безрезервната и трпеливата подршка во процесот на организација на работниот процес. Оваа постапка нуди во иднина исклучителни можности за развој на функционалната неврохирургија и лекувањето на разните невро-дегенеративни заболувања, поради кои нашите пациенти согласно досегашната пракса се упатува на лекување во странство“, појаснува директорот на Клиниката за неврохирургија, кој е дел од тимот, д-р Љуљзим Агаи.






