По извршениот вонреден надзор инспекторите донеле решение, по кое Филозофскиот факултет постапи, да им се прекинат студиите односно да им се поништи уписот на седуммина запишани на втор циклус (магистерски студии) и на четворица на трет циклус (докторски студии).
Јаневска завчера соопшти дека Филозофскиот факултет на УКИМ веќе постапува по заклучоците на Инспекторатот и дека го чека извештајот по што ќе донесе конечно решение во врска со случајот.
„Има рокови кои мора да се испочитуваат. Сериозно ќе го разгледам и ќе го прочитам и потоа ќе постапам така како што одлучил Државниот просветен инспекторат. Овој случај покажува дека Министерството не прави разлика меѓу универзитетите во оваа земја. Затворивме 14 приватни институти, забранивме упис на еден приватен универзитет, што беше и поздравено затоа што постапуваме по закон и бараме квалитет. Еве, и еден државен универзитет покажува неправилност во работата и, се разбира, дека ќе постапуваме секаде“, изјави Јаневска.
Денеска во подолго писмо студентите објаснија дека тие се запишале на магистерски и докторски студии почитувајќи ги сите процедури на кои им укажувале службите на факултетот. Толкувањата на Законот за високо образование и на Правилникот на УКИМ за запишување во прв и втор циклус не е наша работа, велат студентите. За тоа се одговорни службите, деканите, продеканите за настава, членовите на комисиите… Тие требале да им кажат за тоа кој и како согласно чл. 5 од Правилникот за условите за запишување на втор циклус студии, можат да се запишат на академски студиски програми од втор циклус – не само лица кои завршиле прв циклус академски студии, туку и лица кои завршиле стручни студии при што факултетот има право, доколку е потребно, да пропише полагање на диференцијални испити во согласност со студиската програма. Правилникот предвидува дека единиците на универзитетот имаат автономно право да ги утврдат конкретните услови за запишување, кои се утврдуваат во конкурсот за запишување студенти. Оттука произлегува дека запишувањето на кандидати со завршени стручни студии на академски студиски програми од втор циклус не претставува исклучок или неправилност, туку можност која е предвидена со правилникот, при што одговорноста за утврдување на условите и критериумите за запишување е во надлежност на самата високообразовна установа, велат студентите.






