„Вчера ветивме дека ќе ви го покажеме криминалот. Денес сме тука со конкретни документи. ЈП Комунална хигиена потпишува договор со 18-годишниот син на Блерим Беџети, замислете – за давање совети за заштита на животната средина. Тоа е договор бр. 57254 склучен на 25.02.2025 меѓу ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ и фирмата „Веда ДООЕЛ“. Се гледа дека парите ги прима – Валон Беџети, син на Блерим Беџети, кој се има и потпишано.
Предмет – „интелектуални услуги – давање на совети за заштита на животната средина“ без јасно дефинирани резултати, секако, да потсетам дека човекот на кого ЈП Комунална хигиена му плаќаат скоро 12.000 евра за совети е 18-годишно дете. Едната ставка е 775.000 денари за совети за заштита на животната средина. Со еден потпис, парите на скопјани завршуваат на сметка на фамилијата Беџети, додека Скопје тоне во ѓубре и нечистотија. Секако овој директор е поставен од другарката на Блерим Беџети, градоначалничката Данела Арсовска“, беше искажано на прес-конференција на Вреди, наведувајќи дека тоа е резултат на „коалицијата на ДУИ, Левица и Димитар Апасиев од кој ќар имаат лично тие, а губат граѓаните на Скопје“.
Освен на 18-годишниот син на функционерот на ДУИ, Блерим Беџети, истото јавно претпријатие веднаш издало фактура бр. 73818 за истата сума од 775.000 денари за „извршени“ услуги и на друго лице, велат од Вреди.
„Фактурата е потпишана од истата посредничка фирма, без доказ дека услугата воопшто е започната – камоли завршена. Рецептот се повторува – втор корисник, близок роднина на директорот на ЈП Комунална хигиена, Сабахедин Рустеми. Фактура бр. 73819 која носи ново име: Бесар Саќипи – близок роднина на в.д. директорот на претпријатието, Сабахедин Рустеми. Описот е речиси копи-пејст: „имплементирање нови техники за заштита на животната средина“. Повторно договорени 775.000 денари.
Истиот ден, истата сума, истата шема – овојпат за роднина на човекот што ја контролира касата. Во еден ден по 12.000 евра за синот на Блерим и за роднината на директорот .назначен од Блерим. Штетата која е направена е 1.550.000 денари – еднаква на годишен буџет за нови контејнери во неколку скопски населби“, велат од Вреди.
Од партијата бараат Јавното обвинителство веднаш да покрене постапка за злоупотреба на службена положба и перење пари. Од ДКСК – да отвори предмет за судир на интереси и непотизам. Од МВР – Единица за економски криминал – да направи финансиска истрага на сите плаќања кон „Веда ДООЕЛ“ и поврзаните лица на Блерим Беџети, Данела Арсовска и Димитар Апасиев. Од Градот Скопје – да го раскине договорот и да побара поврат на средствата, да го разреши директорот на Блерим Беџети и да свика седница на Советот за да ги информира граѓаните за овој скандал на непотизам и корупција.
„Градоначалничке Данела Арсовска, вие лично ги поставивте овие директори, кои знаевте дека се блиски на вашиот другар Блерим Беџети. Денес имате два избора: прво – да ги разрешите и да поддржите истрага, или второ – да останете соучесници во кражбата од џебот на скопјани. Вреди ќе продолжи да ја разобличува оваа коалиција на корупција и омраза. Од денес, секој ден ќе објавуваме нов документ за дивоградбите, фиктивните фактури и партиските вработувања што ги храни оваа структура“, порачуваат од Вреди..