„Од 47 мерни места за ветер во Републиката, олуја и олуен ветер со брзина од 62 до 88 километри на час е регистриран на 12 мерни места, силна олуја со брзина од 88 до 102 километри на час на 6 мерни места, орканска/ураганска олуја со брзина од 102 до 117 километри на час на едно мерно место, а оркан/ураган со брзина над 118 километри на час на 3 автоматски метеоролошки станици. На останатите мерни места е регистриран ветер со јачина под 62 километри на час“, соопшти УХМР.
Оркан/ураган според класификацијата за јачина на ветер, претставува ветер чија брзина надминува 118 километри на час, прецизираат од УХМР и велат дека тоа е екстремно силен ветер кој на оваа територија се случува многу ретко и предизвикува силни разорувања и значајни штети во пошироки размери.
„На Автоматската метеоролошка станица во Штип, во 17 часот, е регистриран оркан со максимален удар на ветер од 134 километри на час, со правец запад-северозапад (WNW). Во Скопската котлина, на Автоматската метеоролошка станица Скопје, во 16:10 часот е регистриран оркан со максимален удар од 130 километри на час со правец север-северозапад (NNW). Ветер со истата јачина од 130 километри на час е регистриран и на Автоматската метеоролошка станица Ново Село во Струмица, во 17:50 часот, со правец северозапад (NW)“, се вели во соопштенито на УХМР.
Мониторингот на карактеристиките на ветерот, како што велат од УХМР, се врши со специјализирани сензори и стандардни процедури, обезбедувајќи континуирани и прецизни податоци за струјното поле на ветерот.





