Директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова – Грујовска, на отворањето им честита на децата бегалци на издржливоста и на храброста секогаш и секаде да бидат Македонци.
„Децата од егејскиот дел на Македонија и сега веќе и нивните потомци имаат оставено исклучително голем влог во македонската традиција, култура и живеење. Од 1946 постепено, до 1948 година, меѓутоа и многу години подоцна затоа што традицијата која ја пренесоа, кај нас овде ја прифативме и живееме и таа е сега наша заедничка традиција“, изјави Јованова – Грујовска.
Дел од културната традиција што ја имале во родните огништа, нагласи Јованова – Грујовска, е пренесена тука и прифатена, посочувајќи дека е многу горда што овие луѓе си го зачувале идентитетот и секаде се претставувале како Македоцни.
Затоа денеска одбележуваме 15 години од смртта на Ѓорѓи Доневски, рече Јованова – Грујовска, кој целиот свој живот го посвети на проучување на македонскиот фолклор, на фолклорот на децата бегалци на нивните традиции и култура.
Претседателката на Републичкото здружение на децата бегалци „Тга за југ“ Евгенија Николовска, порача дека трибината има за цел да се оттргне вниманието малку од политиката, да не го заборавиме минатото и да се потсетиме на нашите културни вредности – историја, јазик, традиција и идентитет.
„Таа војна донесе многу несреќи на многу луѓе. Нашите баби, дедовци, мајки, татковци беа принудени да бегаат, биле прогонувани боси и со едно торбиче да одат во детските домови низ Истична Европа каде биле згрижувани… меѓутоа сепак и покрај тоа успеале да си ги зачуваат дијалектот, јазикот, културата и традиијата и да ги научат децата дека се Македонци по потекло и најважно успеале да ги зачуваат македонскиот идентитет“, изјави Николовска.
Ѓорѓи Доневски, нагласи Николовска е синоним за егејското прашање и во 1985 година заедно со Ристо Чачкироски, Ѓорги Плуковски и Јанко Калинчев собраа сили и го формираа Републичкото здружение на децата бегалци – прво здружение во Македонија за кое водеа многу силна битка да го регистрираат и конечно успеаа во 1989 година.
„Ѓорѓи Доневски ја организараше првата Светска средба на децата бегалци во 1988 година, на која се постави споменикот во Паркот Жена борец – бронзена плоча со мајката и децата бегалци“, изјави Николовска.
Најважното што го одбележа животот на Ѓорѓи Доневски, нагласи Николовска, е што во 2003 година поднесовме колективна тужба до Европскиот суд за човекови права, по што следувала Резолуција во Собранието на Македонија и формирање Координативно тело со која се обврзуваат двете влади да зборуваат за дискриминаторските закони од 1982 и 1985 година со кои се дозволува враќање и владеење со имотите само на оние со грчко потекло.
„Од ЕСЧП добивме одговор, каде велат поминете ги сите институции во Грција и потоа дојдете. За таа цел, ние поднесовме барање до нашето Собрание за заштита на бегалците, каде тогашниот претседтаел Стојан Андов ни го прифати барањето и конечно 2008 година беше поднесена Резолуцијата до Собранието на Република Македонија. За наше изненадување првпат откако е формирано Собранието сите пратеници се потпишаа на резолуцијата и гласаа едногласно да. Сепак нешто сме успеале како Македонци по потекло од Егејскиот дел на Македонија – да го обединиме Собранието и сите политички партии да гласаат единствено“, изјави Николовска.
Лилјана Макаријоска, од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, укажа дека нивните истражувања покажуваат оти говорите во егејскиот дел на Македонија се нераскинлив дел од македонската јазична територија, а културните традиции нераскинлив дел од македонското културно наследство.
„Нашите истражувања потврдуваат дека покрај тоа што егејските говори се нераскинлив дел од македонската јазична територија, дека исто така, и фолклорот, културните традиции, обичаите и верувањата во тој дел на Македонија се нераскинлив дел од ризницата на македонската култура. Одделни елементи од народната култура во Егејскиот дел се надоврзуваат на обичаите и верувањата на сето она што го чини културното наследство на Македонија, меѓутоа има и специфични особености кои треба да ги зачуваме од заборавот“, изјави Макаријоска.
Трудовите посветени на историјата, на јазикот и литературата, на фолклорот од егејскиот дел на Македонија, посочи таа, се од непроценливо значење како своевидна заштита од заборавот, имајќи го предвид несреќното напуштање на родните огништа на Македонците.
„Моите истражувања најчесто се поврзани со односот на јазикот и културата, односно колку лексиката е поврзана со определени елементи на народната култура. Токму тоа ја воспоставува таа заштита, бидејќи со називите од областа на народната култура, називите поврзани со храната, на народната носија, потоа и за родилните, свадбените обичаи, фолклорот, календарските обичаи и она што се празнувало на одделни верски празници, што најчесто има многу заеднички црти со македонската традиција, посебно од западниот и југозападниот дел на Македонија“, изјави Макаријоска.
Макаријоска, посочи дека има голем број истражувања во кои на некој начин се засегнува и историјата и обичаите и посака тие да бидат дигитализирани, за, како што рече, сето тоа би било заштитено од заборав.
„Да најдеме начин сето тоа да биде заштитено и достапно. Младите генерации да имаат чувство на припадност дека тој дел едноставно е дел од Македонија, со истиот начин на живот и истата судбина ја споделувале… децата со прекинато детство, ги играле истите игри и од едната и од другата страна на границата“, порача Макаријоска.
Директорот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Зоранчо Малинов, изјави дека иако е проблем да се истражува директно на терен во егејскиот дел на Македонија во границите на Грција, сепак имаме солиден број на бегалци од тој простор и од тие преселници имаем собрано солиден материјал во неколку десетици магентофонски ленти и можам да издвојам неколку наши колеги коишто работеле и некои уште се занимаваат со фолклорот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
„Во прв ред ќе го издвојам колегата Трпко Бицевски, кој има издадено седум книги за музичкиот фолклор и песните од Костурско, Леринско, Воденско, Мегленско, Серско, Демирхисарко, Кукушко и Драмско. Потоа колешката Александра Поп-Василева, која има собрано огромен фонд приказни од Костурскиот крај и има отпечатено книга на 5-600 страници… Олга Беќарова за Ѓурѓовденските обичаи во Леринска Река, Киро Пенушлиски, Јана Манева-Чупоска… тука би се вборил и јас, кој како потомок од мајчинска линија од село Зрново, Драмско имам цел етнолошки монографски труд за Македонците од тој крај, кој се наоѓа помеѓу Драма и градот Гоце Делчев во Пиринска Македонија“, изјави Малинов.
Освен публикуваното, Малинов, нагласи дека има уште многу материјали коишто допрва треба да се истражуваат и публикуваат, посочувајќи дека веќе се врши дигитализација на тие архивски материјали и оти секој истражувач на традицијата, културата и фолклорот на Македонците од Егејскиот дел може да дојде и истражува во Институтот.
Митко Арџелиев, од Републичко здружение на децата бегалци „Т’га за југ“, зборувајќи за формирањето на здружението и почетоците порача дека да ја напуштиш родената куќа и да бегаш и не знаеш каде да одиш и не може да се каже во кратки зборови.
„Тргнавме да бегаме… дојдоа и рекоа на трет ден Велигден ќе ви ја запалат куќата да изгорите со деца и тогаш станавме да бегаме од селото. Да напуштиш куќа полна со работи, стока, коњи, магарија… тоа е многу трагично луѓе. Не може да се замисли тоа сега… Тоа се нашите трагични работи, се вративме во Македонија да ги продолжиме нашите животи“, изјави Арџелиев.
Грција за време на Граѓанската војна ја напуштиле 28 илјади деца бегалци од четири до 12 години, од кои 20 илјади биле Македонци. Во Републичко здружение на децата бегалци „Т’га за југ“, како што беше посочено, членуваат и од другите здруженија и ограноци на децата бегалци и брои околу 7.800 членови.
Трибината е организирана од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, Републичкото здружение на децата бегалци „Т’га за југ“, Институтот за македонска литература, Институтот за национална историја и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“.
МИА






