Како што информираа од компанијата, јавната расправа претставува важен дел од законската процедура и можност сите заинтересирани страни да ги изнесат своите ставови, прашања и забелешки. ТИТАН Усје го поздравува учеството на јавноста и верува дека аргументиран дијалог и размената на информации се најдобар начин за градење доверба.
Во март годинава ТИТАН Усје до Министерството за животна средина и просторно планирање ја поднесе апликацијата за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола, која е во согласност со важечките законските и подзаконските акти. Компанијата доследно, навремено и транспарентно ги спроведе сите постапки и активности предвидени со процедурата за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола. Апликацијата е јавно достапна и ставена на увид на сите заинтересирани страни.

„Како дополнителен чекор кон поголема транспарентност, компанијата го стави во функција новиот Усје портал за животна средина – https://envi-platform.usje.mk/mk/, преку кој јавноста ќе има пристап до дневните податоци од независниот 24-часовен мониторинг на емисиите, информации за еколошките активности, инвестициите и другите релевантни документи. Порталот овозможува и директна комуникација со компанијата, преку можност за поставување прашања и добивање дополнителни информации. Како прва компанија во Скопје што доби А-интегрирана еколошка дозвола и една од првите во државата, ТИТАН Усје уште тогаш ја потврди својата определба за примена на највисоки стандарди во индустријата. Компанијата е во постојан инвестициски циклус за модернизација и унапредување на процесите“, велат од компанијата.

Од ТИТАН Усје дополнуваат дека компанијата е посветена на работење согласно законските прописи, европските стандарди и принципите на одржлив развој.
„Компанијата и во иднина ќе продолжи со континуирани инвестиции во модернизација, намалување на влијанијата врз животната средина и отворена комуникација со сите засегнати страни“, велат од ТИТАН Усје.






