Наводите на М-НАВ АД Скопје дека „претседателот на ССКЛ, Тасевски, признал дека штрајкот што го најавил е незаконски“ се целосно невистинити и имаат за цел да го дефокусираат јавниот дискурс од реалниот проблем кој постои уште од 2023 година, а кој сегашниот менаџмент нема капацитет да го надмине, велат од ССКЛ.
„Со овие дезинформации, М-НАВ АД Скопје свесно ја манипулира јавноста, со цел да се наруши угледот на претседателот Александар Тасевски и на ССКЛ – синдикат кој доследно и единствено се спротивставува на секој обид, внатрешен или надворешен, што има за цел да ја поткопа професионалноста на компанијата. Не е вистина дека ССКЛ нема право на штрајк. За истиот овој штрајк, во 2024 година, целата јавност беше сведок дека претставници на тогашната Влада и на надлежните министерства јавно ја изразија својата поддршка за истите барања што важат и денес. Како може тогаш штрајкот да бил легитимен, а денес не? – Не е вистина дека не е завршена постапката во фазата на помирување. – Не е вистина дека ССКЛ има политички цели или позадини“, велат од ССКЛ.
Оттаму потенцираат дека ќе продолжат да ја докажуваат вистината и пред медиумите и пред институциите.
„ССКЛ ќе ја обжали одлуката на Граѓанскиот суд за времената мерка за забрана на штрајкот, и ќе побара предметот да биде вратен на рочиште, за да ја изложиме нашата одбрана и аргументи пред надлежниот суд“, велат од Синдикатот.






