„Со овој закон ќе се создаде плодна почва странските инвеститори да можат под поволни услови да основаат компании за преработка на увезен отпад, кој е забранет во земјите на ЕУ, претворајќи ја Македонија во најголемата европска депонија! Меѓу останатото, со преработка во РДФ гориво и понатаму ќе се дозволи најголемите негови корисници да продолжат да профитираат на сметка на здравјето на граѓаните, компании кои веќе подолго време ги тресат бројни скандали, како најистакнатите, Цементара, Железара, поранешно Фени индустри“, смета Левица.
Од партијата велат дека предлагач на овој спорен закон е вработената во Министерството за животна средина, Каја Шукова, „позната како ревносен бранител на контроверзната фирма за депонирање отпад во Гевгелија, GO WASTE SOLUTION“.
„Жителите од овој регион се сведоци дека Шукова наместо да ги брани интересите на граѓаните, дрско и арогантно го застапувала проектот на фирмата за депонирање отпад. Се поставува прашањето, дали како и во скандалот со увозот на токсично масло по евтина цена, СДСМ повторно го штити бизнис – лобито и нивниот профит, овој пат преку увоз на опасен отпад“, прашува Левица.
Партијата смета дека законот е исполнет со недоследности, недоречености и нејаснотии и дека мора детално да се врати на доработка, и тоа со јавни расправи, вклучувајќи ја стручната јавност, при што, како што се нагласува во соопштението од Левица, наместо олеснувања, ќе бидат вметнати ригорозни забрани за сите загадувачи.
„Шверцувањето со европско знаме е самоволие и диктаторско однесување на власта, особено кога станува збор за закон со кој може перманентно да се влијае врз квалитетот на живот на граѓаните на Македонија“, се вели во реакцијата на Левица.






