Пратеникот Оливер Спасовски од опозициската СДСМ оцени дека предложениот ребаланс на буџетот претставува обид на власта да ги прикрие сериозните пропусти во управувањето со јавните финансии и непланираните расходи, што, според него, отвора пат за дополнително задолжување и загрозување на економската стабилност.
„Ваквата политика ќе го отежне економското функционирање на граѓаните и бизнисите“, рече пратеникот Спасовски.
Тој потенцираше дека ова е прв ребаланс на буџетот кој се прави на буџет што го создаде ВМРО-ДПМНЕ и со него има ново задолжување од 500 милиони евра до крајот на годината, што претставува, вели тој, дополнителни 4 отсто од бруто домашниот производ (БДП) и што „ќе ја пробие критичната граница од 60 проценти јавен долг во однос на БДП, поставувајќи ја во ризик иднината на државата и граѓаните“.
„Власта се обидува да ја прикаже состојбата во државата како идеална, особено во пресрет на локалните избори, но реалноста е далеку од тоа. Без јасна и долгорочна економска стратегија, само се продлабочуваат проблемите, а ребалансот претставува краткорочно решение кое ја зголемува неизвесноста кај граѓаните и стопанството“, рече Спасовски.
Во однос на капиталните инвестиции, Спасовски посочи дека реализацијата до 12 јуни изнесува само 23 отсто од планираните расходи, што не гарантира ветениот инвестициски циклус и развој на економијата.
„Финансиската поддршка за малите и средните претпријатија е скратена за 900 милиони денари, а неплатените буџетски обврски се околу 700 милиони евра, што ја зголемува финансиската нестабилност и создава дополнителни ризици“, потенцираше меѓу другото Спасовски.
Заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски му реплицираше на пратеникот Спасовски дека задолжувањата ќе се враќаат, а како што рече, на опозицијата ѝ пречи што има повеќе приливи од страна на Царината и останатите институции.
Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Стојановски во неговата реплика до Спасовски истакна дека за разлика од лани, оваа година има повеќе пари за плати, пензии и инвестиции, посочувајќи го како пример Министерството за внатрешни работи.
Неговата колешка од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, говорејќи за ребалансот на буџетот за 2025, истакна дека истиот ја отсликува стабилната и одговорна економска политика на Владата, со зголемени приходи, контролиран дефицит, рекордни инвестиции и поддршка за развојот на локалните самоуправи.
„Ребалансот на буџетот за 2025 година е огледало на нашата економија, на нашата посветеност, визија и решеност да ја водиме Македонија напред, чекор по чекор, сигурно, стабилно и одговорно“, вели Бојковска.
Таа истакна дека планирано е приходите да пораснат за дополнителни 3.537 милиони денари, што е раст од 8,6 отсто од првичната проекција. Таа додаде дека овие приходи се должат на ефикасната работа на УЈП и Царинската управа.
„Двете институции бележат раст на наплатата и тоа за цели 30 отсто во споредба со времето кога СДСМ ги водеше овие клучни институции. Наместо хаос, денес имаме ред. Наместо неизвесност, денес имаме стабилност. Наместо празна каса, денес имаме полн буџет кој овозможува реални инвестиции“, рече Бојковска.
Таа додаде дека Владата одговорно и транспарентно го одржува буџетскиот дефицит стабилен и ако пред шест месеци опозицијата ширеше паника за буџетски дефицит, денес, вели таа. тие бројки се стабилни.
„Дефицитот останува на 4 отсто од БДП. Одговорно, контролирано и со јасен план. Ова е клучната разлика меѓу оваа власт и претходната. Ние не криеме бројки, не играме со статистики, туку транспарентно работиме за подобрување на економијата“, кажа Бојковска.
Во однос на капиталните инвестиции пратеничката истакна дека тие се темелот на секоја сериозна економска политика, а дополнително се идзвоени 300.000 милиони денари и како што рече, тоа е клучниот показател за разликата меѓу оваа влада и претходната. Пратеничката, Бојковска потсети дека претходната година беше завршена со рекордни една милијарда и 255 милиони евра странски директни инвестиции, со намера и оваа година да се продолжи истата тенденција.
„Македонија е со четврти најбрз раст на економијата во Европа. Растот на БДП за првиот квартал од годинава е 3 отсто, а веќе трет квартал по ред е 3 или повеќе проценти. Ќе се стремиме да стигнеме до 4 отсто раст на БДП“, истакна Бојковска.
Пратеникот Фатмир Битиќи во своето обраќање истакна дека зголемувањето на пензиите не е никаков предизборен маркетинг или произволен акт, туку е законска обврска која се применува двапати годишно.
„Ова го правиме согласно растот на трошоците за живот и просечната плата, како што е предвидено со закон. Така, покачувањето на пензиите е редовен процес и трајна практика, која има за цел да ја зачува вредноста на пензиите во однос на трошоците на граѓаните. Сепак, во вашите говори и анализи често се фокусирате само на овие зголемувања, без да ја разгледате пошироката слика и реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните“, рече Битиќи и посочи дека потребен е системски пристап за да се подобрат условите и да се обезбедат основните услуги за сите.
Пратеничката, Јована Тренчовска од СДСМ се осврна за капиталните инвестиции од областа на детската заштита, и како што рече, ако детално се анализира реабалансот на Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе се забележи дека се додадени пари за трансфер кон ПИОМ, кои се наменети за дефицитот за пензиите и за блок дотациите, а сè останато, вели, е пренамена во ставките од постојниот буџет на ова министерство, односно како што рече кратење од едно, а додавање на друго.