вторник, 2 јуни 2026

Со германска поддршка во Долно Лисиче се тестираат нови решенија за земјоделство отпорно на климатските промени

Во Долно Лисиче вчера беше отворено демонстрациско поле за тестирање методи за адаптација на земјоделството кон климатските промени, проект што се реализира со поддршка на германската влада преку Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).

Објавено на

часот

Сподели

На отворањето присуствуваа високи претставници на Сојузното министерство за земјоделство, храна и регионален идентитет на Германија, Германската амбасада, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Трипуновски истакна дека преку меѓународна соработка и примена на научни достигнувања може да се создаде поотпорно, поконкурентно и поодржливо земјоделство, кое ќе одговори на предизвиците што ги носат климатските промени.

„Развојот на паметно и одржливо земјоделство базирано на знаење, иновации и дигитални технологии е еден од клучните приоритети. Отворањето на ова демонстрациско поле претставува важен чекор во тој процес“, нагласи министерот.

Проектот има за цел да помогне земјоделското производство да остане стабилно и во услови на суши, температурни екстреми и нерамномерни врнежи. Во рамки на активностите ќе се тестираат современи решенија како прецизно наводнување, сензори, метеоролошки станици, системи за далечинско следење, дронови, соларни панели и антифрост системи.

Експерименталното поле е воспоставено во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна и ќе служи како практична лабораторија за студенти, земјоделци, истражувачи и стручни лица кои ќе можат директно да ги следат резултатите од примената на новите технологии.

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Билјана Ангелова, истакна дека проектот има и значајна образовна димензија, бидејќи им овозможува на студентите да стекнат практични знаења преку непосредна работа на терен.

На дел од површината е засаден опитен насад со сливата „Стенли“, додека на други парцели се одгледуваат сточен грашок, сирак и пченка, со цел тестирање на различни практики за климатска адаптација.

Директорот на GIZ, Давид Оберхубер, нагласи дека македонско-германската соработка во земјоделството трае повеќе од 30 години и дека денес е насочена кон справување со сè поизразените последици од климатските промени.

Активноста е дел од поширока регионална програма на германската влада за поддршка на земјите од Западен Балкан во спроведувањето на Зелената агенда. Покрај земјава, слични демонстрациски проекти се реализираат и во Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, со цел развој и примена на практични решенија за климатска отпорност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ