недела, 24 мај 2026

Сиљановска: Делото на светите браќа Кирил и Методиј и денес има обединувачка моќ и денес

Малкумина луѓе во историјата имале чест да бидат перцепирани од многу народи и држави како апостоли и заштитници на Европа! Такви се солунските браќа, творците на глаголицата, објавувачите на божјата вистина на старословенски јазик, втемелувачите на сесловенската историја, описменувачите и просветителите на словенските народи, се вели во честитката на претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.

Објавено на

часот

Сподели

„Нивното благословено и благородно дело и денес има обединувачка моќ и се смета за заедничко историско и цивилизациско наследство.

Колку ли благодарни треба да им бидеме за сѐ уште живото и почитувано слово, без кое, ниту оние пред нас, ниту ние, не ќе можевме да ги разбереме богослужбените книги, ниту да читаме, учиме, пишуваме и твориме, односно да се просветуваме и просветлуваме.

Кирил и Методиј го изградија и се вградија во темелот на духовниот и културниот идентитет на словенските народи, меѓу кои и на македонскиот.

Впрочем, само описменети можеше да се самоосвестиме и ослободиме, најпрво од незнањето, а потем и од потчинетоста од секаков вид.

Да потсетам, во деветтиот век, кога писменоста била привилегија, а словото орудие на духовна и политичка доминација, светите Кирил и Методиј ја започнуваат својата просветителска мисија меѓу словенските народи како апостоли на писменоста, знаењето и духовната еманципација.

Нивниот подвиг не се состои само во создавањето на азбуката, туку во отворањето можност словенскиот човек, сопствената мисла, вера и културна самосвест да ги артикулира на јазикот што го разбира и чувствува како близок и свој, борејќи се за него и бранејќи го.

Јазикот не е само збир на зборови, туку и колективна меморија, вредносен код и чувство на припадност што еден народ ги пренесува низ времето, од генерација на генерација.

Во време на неизвесност, длабоки поделби и сè поизразена отуѓеност, 24 Мај нè потсетува дека без култура, образование и наука, но и без вредносен систем, ниту едно општество не може да изгради меѓусебна доверба и заедништво.

Честит 24 Мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј!“

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ