понеделник, 14 јули 2025

Шекеринска: Петте отсто од БДП за членките на НАТО е инвестиција во мирот

Сега е време да инвестираме во она што сите го сметаат за гарантирано. А тоа се мирот и стабилноста, порача заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска за време на учеството на конференцијата на „Економист“ во Грција, а паралелно ја нагласи неопходноста Алијансата да се приспособи на новата безбедносна реалност, јави дописничката на МИА од Атина.

Објавено на

часот

Сподели

Шекеринска рече дека конкретната дискусија за инвестиции во одбрана иако е тешка, сепак е неопходна и посочи дека е потребна искреност од политичарите до граѓаните, кога станува збор за конкретната тема.

„Доаѓам од земја и регион кој сè уште се сеќава на војни. И знам дека, во моментот кога ќе ги изгубите мирот и стабилноста, сè, сите економски бројки, сите проценти од БДП, исчезнуваат. Затоа мислам дека она што ни е потребно, и тука се однесува на сојузниците, е искрен разговор со јавноста. А она што го видовме е дека јавноста ја цени искреноста. Секој политичар би имал многу полесна задача да излезе пред своите граѓани и да каже: ‘Сега ќе ги трошиме сите овие пари на нешто друго’. И така правевме многу, многу години. А сега е време да инвестираме во она што сите го сметаат за гарантирано. А тоа се мирот и стабилноста“, истакна заменичката на генералниот секретар на НАТО.

За одлуките од НАТО- самитот за одвојување пет отсто за одбраната, Шекеринска рече дека се свесни дека е големо барање од владите, даночните обврзници и граѓаните, но „заканата со која се соочуваме е целосно различна и сите се прилагодуваме“.

„Ние не ги бираме времињата во кои живееме, но мора да се прилагодиме на реалниот свет“, посочи Шекеринска и се осврна на тоа дека „голем број сојузници веќе се погрижија нивните амбициозни планови навистина да го постигнат нивото од 3,5 отсто“.

Се задржа и на потребата за вклучување на одбранбената индустрија во стратешкото планирање, велејќи дека „не можеме да чекаме пет или десет години на производи“, но и нагласувајќи ја важноста на комбинирање на иновацијата со традиционалната одбранбена индустрија.

„Ајде да најдеме поиновативно решение за заканата, за пристапот, за планот, за имплементацијата на планот. И вака се надеваме дека ќе ја споиме иновацијата со одбранбената индустрија. Но фокусот во наредниот период нема да биде само владите да испорачуваат, туку многу повеќе и одбранбената индустрија да испорачува, затоа што имаме прилично голем број сојузници кои велат: имаме барања до одбранбената индустрија, до произведувачите, заинтересирани сме. Сигналот за побарувачка е јасен, не само поради самитот, туку и поради целта за капацитет. А потоа ни велат – добро, можете да се вратите за пет или десет години. А тоа е нешто што сакаме да го избегнеме“, истакна Шекеринска.

Објасни дека токму затоа на НАТО- самитот во Хаг беше организиран големиот индустриски настан и изрази верување дека „постои заеднички интерес и кај одбранбената индустрија и кај сојузниците да се произведува повеќе, подобро, попаметно, и навистина да се направи оваа комбинација од иновација и типична одбранбена индустрија“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ