СДСМ претходно денеска соопшти дека Филипче упатил официјални писма до Европската Унија, Европската комисија, Европскиот парламент, известувачот за Македонија, како и до амбасадорите на земјите членки на ЕУ за „сериозното нарушување на демократскиот и уставниот поредок, поделбата на власта и владеењето на правото во Македонија“.
„Подолг период сведочиме на системско поткопување на поделбата на власта, владеењето на правото и основните принципи на уставноста. Постои реална и основана загриженост дека извршната власт спроведува координирана стратегија за навлегување во судската независност, што укажува на јасна и систематска инсталација на авторитаризам“, се вели во писмата во кои директно се посочува улогата на премиерот Христијан Мицкоски и се нотираат најавите со закани врз опозицијата и најавата за политички прогон.
Изјавата дека премиерот има чувство дека набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на влада, нивни блиски од семејството итн. ќе бидат опфатени со одредени прогони, според СДСМ е изјава за политички реваншизам и претставува директна закана за демократскиот плурализам.
Во изјава пред два дена Мицкоски истакна дека очекува опозицијата да биде критичка и во своите редови и доколку поранешни високи функционери од претходната влада на СДСМ бидат опфатени во одредени прогони, да излезат на прес-конференции и да ги повикаат на одговорност.
„Очекувам истата оваа опозиција да се однесува вака критички како што сега се однесува – кога имам чувство дека набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на влада, нивни блиски од семејството и така натаму, ќе бидат опфатени со одредени прогони. Имам чувство, не велам дека имам информација, имам чувство. Очекувам дека и тогаш кога тоа ќе се случи, исто така ќе имаат вакви прес-конференции и тогаш нема да велат дека тоа е политички прогон, туку ќе ги повикат да одговараат пред органите, односно да ја докажуваат својата невиност“, изјави тогаш Мицкоски.






