среда, 25 јуни 2025

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со нови преписки за несреќата во Кочани

Зошто началникот на полицијата во Штип Дејан Салтировски не е дел од истрагата за несреќата во Кочани, праша денеска Каја Шукова од СДСМ. На ова ВМРО-ДПМНЕ одговори дека ова е класичен дефокус од криминалите на претседателот на СДСМ Венко Филипче.

Објавено на

часот

Сподели

„Јавниот обвинител Љубомир Коцевски кој беше под закана дека ќе биде сменет од актуелната власт, вчера ја затвори истрагата за пожарот во Кочани без ниту еден осомничен или обвинет актуелен функционер на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски ги искористи сите механизми на власта, закани, уцени и притисоци со единствена цел да ги заштити своите луѓе, односно оние кои се најодговорни за трагедијата која го снајде Кочани, а тоа се актуелните функционери на власта. Со што Мицкоски го држи Коцевски под своја целосна контрола“, рече на прес-конференцијата Каја Шукова, потпретседателка на партијата.

Според неа, денес е јасно дека правда нема најавувајќи дека ќе изнесуваат клучни докази кои, рече, „очигледно се кријат за да се заштитат оние од власта“. Прво заштитено лице, рече Шукова, е Дејан Салтировски.

„Обвинителството мора да одговори: Дали постои пишана наредба за акциска контрола во која стои дека вратите на дискотеката Пулс треба да бидат затворени? Ова е спротивно на стандардните операциски процедури. Прашуваме кој бил потпишан на таквата наредба? Зошто ако обвинителството поседува ваков документ нема ниту еден обвинет актуелен полициски функционер од таа вечер? Понатаму, Обвинтелството и власта мора да одговорат зошто нема обвинение против тогаш актуелниот началник на СВР Штип, Дејан Салтировски? Тој знаел или морал да знае дека во наредбата за акциска контрола спротивно на СОП стои дека ќе бидат затворени вратите во дискотеката Пулс, рече потпретседателката на СДСМ.

Исто така праша зошто обвинителството не го објави јавно видеото на кое се гледа началникот на СВР Штип, Дејан Салтировски, во периодот 12:30 до 01:20 часот пред дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Дали обвинителството го праша Салтировски што барал во овој период пред дискотеката и зошто полицијата не влегла да врши акциска контрола како што било предвидено во 12:30 часот кога започнува забавата наместо на крајот од истата? Дали Дејан Салтировски во меѓувреме фалсификувал документација дека вечерта не бил на работа или за тоа постојат конкретни докази и дали тој е заштитен од кривичен прогон затоа што е во кумовска врска со Орце Тодоровски – Ефто, еден од најблиските соработници и бизнис партнери на Христијан Мицкоски со кој градеше хидроцентрални и кој беше обвинет за милионски криминал во случајот Делчевски ниви“, праша Шукова.

Иако не ја оправдуваме, ја разбираме безидејноста на СДС и нивниот лидер Филипче да се оттргне вниманието од одговорноста во случајот со модуларната болница преку злоупотреба на трагедијата во Кочани, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Таму е жив фатен и факт е дека Филипче е човекот кој треба да лежи затвор што 14 луѓе живи изгореа во случајот модуларна болница. Таму основата на се е што за Филипче провизиите беа најважни и тие чинеа животи. Затоа денес им треба дефокус со случајот Кочани, каде некрофилијата на СДС ги достигнува врвовите на нечовечноста и политичкото безобразие.

За тоа кој треба да одговара во Кочани одговорно е обвинителството, и нема баш никакво право за тоа да говори Филипче или СДС кои се директно одговорни за модуларната болница, но и 10 илјади загубени животи во ковид кризата.

Но она на што треба да одговори денес СДС е зошто Венко Филипче дозволил градба на модуларната болница во која не смеело да се обавува здравствена дејност?

Спорна е техничката спецификација, која ја прави одговорното лице назначено од Венко Филипче, каде што подоцна се констатира, дека не е во согласност со ниту еден стандард за изградба на објекти од областа на здравството. Не се почитувале Законот за градење и Законот за здравствена дејност, и не се почитувале минималните технички стандарди за заштита од пожари и експлозии.

Исто така многу важно за овој случај, е што овие болници се набавени и поставени како стоки, а стоки во ниту еден случај не можат да бидат користени како објект во кој се обавува здравствена дејност!

Пред да се случи пожарот во модуларната болница каде што загинуваат 14 наши сограѓани, наместо да се подобрат стандардите на болниците, Министерството за транспорт и врски, по предлог на Владата, го промениле законот за градење по итна постапка, со цел овој тип на објекти да ги преместат во урбана опрема за чие поставување одобрение ќе издава МЗ или тогашниот министер, Венко Филипче.

Овие болници не се запишани во катастар, немаат добиено одлука од Влада за трајно користење и немаат одобрение за употреба по правилник за простор опрема и кадар.

За овие работи, има евиденција во проектната единица во МЗ и истата е предадена на Јавното обвинителство за организиран криминал на 12 декември 2023. Зошто до сега не е реагирано?

Венко Филипче треба да одговори на сите овие констатации. Факт е дека Филипче и СДС се синоним за неспособност, криминал и предавства“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ