среда, 13 мај 2026

Самостојните уметници му пишаа на Љутков, пет месеци чекаат исплата на придонесите

Иако веќе се доближува средината на мај, самостојните уметници сè уште немаат добиено исплата, што нè доведува во ситуација повторно сами да ги подмируваме придонесите за да избегнеме долгови, камати и прекин на здравствено осигурување. Ова не е изолиран проблем, туку продолжение на долгогодишна системска пракса во која исплатите доцнат, износите не соодветствуваат со реалните обврски кон УЈП, самостојните уметници ја покриваат разликата од сопствени средства, се наведува во отвореното писмо што самостојните уметници денеска го испратија до министерот за култура Зоран Љутков.

Фото: Самостојни уметници на Македонија

Објавено на

часот

Сподели

Иако секоја година покажуваме трпение и разбирање, се наведува во отвореното писмо, состојбата веќе станува неодржлива.

„Самостојните уметници повторно се доведени во ситуација сами да ги покриваат придонесите за да избегнат долгови, камати и прекин на здравственото осигурување. Дополнително, секој од нас добива различни информации во врска со роковите за исплата на средствата, додека во меѓувреме се соочуваме со опомени, блокирани сметки (за што подоцна не добиваме обештетување) и неизвесност. Имено, конкурсот за доделување на месечни надоместоци за самостојни уметници, се распишува во ноември, уредно се пријавуваме во рок , резултатите од непознати причини ги добиваме на крајот на месец март (кога веќе се пристигнати првите опомени од УЈП за месец јануари и февруари), а пак првата исплата сè уште е неизвесна, а веќе е месец мај“, велат самостојните уметници.

Особено загрижува фактот, додаваат тие, што овој проблем се повторува со години, и покрај укажувањата од страна на самостојните уметници, сметководители и други стручни лица.

„Затоа бараме итна информација за причините за доцнењето на исплатата, итна исплата на средствата, усогласување на пресметките со официјално објавените основици од УЈП и Државниот завод за статистика за тековната година, координација помеѓу Министерството за култура и туризам, Министерството за финансии и УЈП со цел трајно решавање на овој проблем, како и да се прекине практиката самостојните уметници да ги кредитираат институциите преку авансно плаќање на придонеси од сопствен џеб. Сакаме да нагласиме дека ова право не претставува ‘помош’, туку законски предвиден механизам за социјална и професионална заштита на самостојните уметници, кои и онака функционираат во нестабилни и несигурни услови. Очекуваме итно постапување и писмен одговор“, се наведува во отвореното писмо од самостојните уметници упатено до министерот за култура Зоран Љутков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ