Уапсен од југословенските власти во декември 1950, во период кога Комунистичката партија и државно-партиските тела спроведувале масовни апсења на лица осомничени за поддршка на Информбирото и политиката на Советскиот Сојуз по судирот меѓу Јосип Броз Тито и Јосиф Сталин во 1948 година, во јуни 1951, Брашнаров бил осуден на 24 месеци „општествено полезна работа“, што всушност, претставувало испраќање во казнено-поправен логор. Во првите денови од јули бил депортиран на злогласниот остров Голи Оток, каде што затворениците биле изложени на тешка физичка работа, сурови услови и психолошка тортура. Само неколку дена по пристигнувањето на јадранскиот остров, на 13 јули 1951 година, Брашнаров починал во логорот. Неговата смрт останува еден од најпознатите примери за страдањето на политичките затвореници во тие сурови и безмилосни пресметки со неистомислениците во Југославија.
Како македонски националреволуционер, Брашнаров ги поврзува двата Илиндена, па во таа смисла, активен е и во периодот меѓу тие две точки во нашата историја. Тука ќе ја разгледаме неговата револуционерна дејност меѓу двете светски војни.
„Многу скоро по завршувањето на Првата светска војна, била организирана Париската мировна конференција заради воспоставување мировен договор меѓу Сојузниците и поразените Централни сили. Политичкиот активист Џејмс Дејвид Барчија, во статијата со наслов ‘Македонското прашање’, што ја објавил во весникот ‘Манчестер гардијан’ на 30 јули 1919 г., информира за ‘конспиративна тишина’ по македонското прашање на споменатата конференција. Тој соопштува дека територијалните прашања во врска со Македонија останале исти: Македонија не постои како една целина, а македонскиот народ е разделен меѓу балканските држави Грција, Србија и Бугарија. Односно, биле потврдени решенијата од Букурешкиот договор (1913). Оттука, македонското ослободително дело ја продолжило борбата со идеја за македонско народно обединување и политичка независност. Токму во оваа смисла треба да се следи животната врвица на Панко Брашнаров во овој период, кој по воените години се враќа во родниот Велес, во рамките на новоформираното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците (СХС) “, вели историчарката Наташа Котлар за МИА.
После Првата светска војна, како што пишува историчарката Даринка Петреска, Брашнаров се поврзува со Социјалистичката партија на Југославија (комунисти) (подоцна Комунистичка партија на Југославија – КПЈ), но и левичарските групи во Софија, предводени од Васил Главинов, Димо Хаџи Димов и други македонски дејци. По Версајскиот договор, Вардарскиот дел на Македонија е заземен од СХС. Брашнар се враќа во Велес, па српските власти му нудат да работи како учител по српски јазик. Тој одбива да работи за српскиот режим.

Неговиот соработник и истомисленик, Тодор Зографски, во своите „Спомени“, пишува: „Имавме двајца учители во раководството на партијата, од порано и сега, кои не сакаа да бидат српски учители и да вршат по принуда однародувачка работа над децата на својот народ, и да ги воспитуваат во шовинистички дух. Едниот, Панко Брашнаров, работеше во воденицата на својот брат, а другиот, Јовче Џипунов, се занимаваше со тулаџилак и други работи. Таквата упорност во личниот живот правеше впечаток на народот и вдахнуваше почитување и верба.“
„Во тоа време работи како воденичар, градинар, бакал, за на крај да биде најмен во кафеана којашто станува средиште на левичарското идејно движење во градот. Така, станува член на КПЈ и во текот на 1920-тите учествува на повеќе конференции и конгреси на партијата. Во 1920 г., Брашнаров е избран за делегат од велешката партиска организација на Вуковарскиот конгрес на партијата. По две години, во 1922 г., учествува на Првата земска конференција на КПЈ во Виена, како и на Третата земска конференција во Белград (1924)“, раскажува Котлар.
Летото 1924-та, Брашнаров е еден од првите револуционери од Вардарскиот дел на Македонија на кого му е пренесена веста за обединување на македонските револуционерни сили преку Мајскиот манифест (од 6 мај 1924). Веднаш ги прифаќа идеите на Манифестот како платформа, којашто ќе биде основа за групи на ВМРО (Обединета) во Велес и цела Македонија. Од 1 до 11 октомври 1925, се одржува Основачката конференција на ВМРО (Обединета) во Виена. Во историографската литература, Панко Брашнар се спомнува како еден од основачите, а дел од изворите го наведуваат и како член на Централниот комитет на ВМРО (Об.), покрај Павел Шатев, Ризо Ризов, Димитар Влахов, Владимир Поптомов и Ѓорѓи Занков.
„Пролетта 1926 г., Брашнаров учествува на Третиот конгрес на КПЈ во Виена, на којшто е донесена Резолуција за националното прашање. Тој до крајот на својот живот останува верен на идеите за социјална и економска правда, но и за национално-културна слобода. И не само тоа, во услови кога многумина немале јасен став за македонското прашање, Брашнаров бескомпромисно и со јасна мисла се залага за создавање на македонска држава“, нагласи Котлар.
Во оваа смисла, таа го наведува случајот од 1921 г., кога Панко Брашнар категорично ги одбил понудите на Тодор Александров, за создавање терористички чети коишто би дејствувале во Велешко.
„Но, затоа многу посветено се залага за оформување и основање на Внатрешната македонска револуционерна организација – Обединета (ВМРО – Об.), со политичка определба за единство во дејствувањето на македонското ослободително движење, врз основа на Мајскиот манифест (1924). Така, тој бил претставник на Револуционерната организација во Македонија под Србија, покрај имињата на другите дејци на левото течение, во Протоколот од 19 јули 2025, потпишан во Виена, од претставниците на македонски револуционерни организации“, посочи Котлар.
Протоколот е потпишан од: а) Старата Серска револуционерна група (претставници: Славе Иванов и Јане Богатинов); б) Постојната во Македонија под Србија – Револуционерна организација (Ризо Ризов и Брашнаров); и в) Левицата на ВМРО (Димитар Влахов). Така се создала новата македонска револуционерна организација, чија идеологија се темели на Манифестот од 6 мај 1924 година, а чијашто цел е независна и обединета Македонија во нејзините етногеографски граници. ВМРО (Об.) имала свои групи и ограноци во Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија.
„Меѓу другото во протоколот, стои и дека: ‘Во интерес на развојот на македонското национално револуционерно движење неопходно е да се обединат сите вистински револуционерни сили за борба против балканските реакционерни влади, кои ја угнетуваат разделената Македонија (…) Основата на програмата на организациите што ги претставуваме е: борба за обединување на поделената Македонија, меѓу Бугарија, Србија и Грција и создавање на една самостојна, независна република, која ќе треба да влезе како самостојна политичка единица во состав на Балканската федерација’ “, цитира Котлар.
Оттука, сосема е логично, што тој е избран за член на основачкиот конгрес на ВМРО (Об.) од октомври 1925 г. и е дел од нејзиниот прв Централен комитет.
На 6 март 1926, во домот на Борис Ковачев во Велес, се одржува основачки состанок на ВМРО (Об.) за Вардарскиот дел на Македонија. Со состанокот раководи Брашнаров, а на средбата присуствуваат 20-тина делегати од цела Македонија. За претседател на Обласниот комитет е избран Тодор Зографски.
Меѓутоа, во КПЈ, како и во социјалистичко-комунистичките движења во Бугарија и Грција, се јавува претпазливост, негодувања и страв од новата национално-револуционерна организација на Македонците, смета историчарката Даринка Петреска. Под тие надворешни влијанија, во ВМРО (Об.) се јавуваат две струи: 1. идеолошко-комунистичката на Влахов, Поптомов и др., во којашто нагласката е на комунистичката политичка доктрина; и 2. национал-федералистичката група на Шатев, Ризов, Михаил Герџиков и др., со нагласка на македонската националнореволуционерна борба за независна Македонија.
Но, КПЈ се плашела дека Брашнаров и Зографски може да го рашират македонскиот национализам. Затоа, покрај сите притисоци од српските монархистички власти, според Петреска, и Комунистичката партија направила сѐ, за ВМРО (Об.) да не заживее. Со својата, пред сѐ – македонска национална насока, ВМРО била нелегална во секоја смисла. Брашнаров и Зографски во 1926. биле исклучени од КПЈ, но и натаму не отстапиле од македонската кауза.

Се претпоставува дека претходно, кон крајот на 1925 година, Брашнаров тајно учествувал на Конференцијата на ВМРО (Об.) во Виена. На 16 август 1926, пак, состанокот на партиската организација во Велес е провален… Заедно со Брашнаров кој претседавал со состанокот, уапсени се и Борис Карбев, Јовче Џипунов, Никола Крстев и Бане Андреев. Брашнаров и Карбев се осудени на по две години затвор.
„Во август 1926., за време состанокот на партиската организација во Велес, при акција на властите, Панко Брашнаров е уапсен. Полицијата запленила и нелегален материјал, во којшто и примероци од весниците ‘Македонско дело’ и ‘Балканска федерација’. Осуден е на две години затвор. По одлежувањето на казната, во 1928 г. Панко Брашнар се враќа во Велес и продолжува со својата револуционерна дејност. Кон крајот на мај 1929 г., на пат за конгресот на ВМРО (Об.) во Берлин, е уапсен на југословенско-австриската граница“ , појасни Котлар.
По настанатата голема провала на ВМРО (Об.) во Вардарскиот дел на Македонија на 5 јули 1929 г., Брашнаров е спроведен назад во Велес.
„Животната и револуционерна дејност на Панко Брашнаров во периодот меѓу двете светски војни најдобро би ја опишале со зборовите на писателот Ристо Крле во драмата Антица. Тој е ‘Македонец, син на еден измачен народ, кој преживеал толку вековни ропства и пак не се подал на непријателот, да го претопи, ами жилаво се држел и се борел за својата национална слобода’ “, заклучи Котлар.
На судењето во јуни 1930 г. тој е осуден на пет години робија и доживотно губење на граѓанските права. Затворен е во затворот во Сремска Митровица. По излегувањето од робија, барем на некое време, Брашнаров политички се повлекува.
(МИА)





