Од Јавното обвинителство потенцираат дека вчера, премиерот Христијан Мицкоски за првпат телефонски му се јавил на државниот обвинител Ненад Савески, но во разговорот во ниту еден момент не станало збор за детали за конкретни предмети, вклучително и за предметот за ТЕЦ Неготино за кој вчера беше соопштено дека се запира истрагата.
„На прашање на претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од обвинителството во медиумите, дека предметот не е рефериран во Републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување. Предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК одлучува самостојно. Имено согласно член 3 од Законот за јавното обвинителство, обвинителството се организира според принципите на хиерархија и субординација, но почитувањето на овие принципи не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата. Уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство се обврзани да ја почитуваат сите“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Поради ова, Советот на јавни обвинители ќе побара официјално објаснување од државниот јавен обвинител Ненад Савески, објави 360 степени.
Претседателот на Советот, Башким Бесими, изјавил рече дека за разговорот дознал од медиумските објави и најави дека ќе следи разговор со Савески пред да се одлучи за евентуална седница или други чекори.
Одлуката за стопирање на истрагата за набавката на мазут е уште еден удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем. Во време кога јавноста очекува расчистување на сомнежите за милионски криминал и злоупотреби, добиваме порака дека предмети од висок јавен интерес се затвораат без целосна разрешница, вели министерот за правда Игор Филков во реакцијата за запирањето на истрагата за набавката на мазут во ТЕЦ „Неготино“.
„Како министер за правда, сметам дека оваа одлука мора итно да биде преиспитана. Очекувам целосна транспарентност од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и јасни одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена ваквата одлука. Истовремено очекувам Советот на јавни обвинители и надлежните институции да отворат прашање за одговорноста на Ислам Абази, затоа што ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем“, наведува Филков.
Претходно денеска случајот со набавка на мазут за ТЕЦ Неготино среде енергетска криза беше причина за кавга помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник денеска на прес конференција рече дека „овој скандалозен случај и одлуката на шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, е доказ за големото влијание кое што Венко Филипче, Али Ахмети и Зоран Заев сѐ уште го имаат во добар дел од обвинителството и судството“.
„Ислам Абази тврди дека не вршел никакво влијание врз никој обвинител да се донесе ваква одлука за запирање на гонењето на овој сомнеж за криминал од 167 милиони евра. Ислам Абази лаже, затоа што како шеф на ЈО ГОКК, надлежен е еднаш неделно да добива брифинг од подредениот обвинител, за ваквите крупни случаи, а исто така овластен е доколку некој понизок обвинител реши дека не сака, или смета, дека нема основ ваков случај да се води, Ислам Абази може да одлучи, случајот да продолжи да се гони, или да го предаде во надлежност на друг обвинител. Наместо да го направи тоа, Ислам Абази, дал согласност овој тежок 167 милиони евра случај да се затвори, и наместо да биде обвинител којшто ќе гони организиран криминал и корупција, Ислам Абази си ја препишал улогата на судија, да го затвори случајот, пред истиот да влезе во судските процедури“, рече Милошоски.
Затоа, потенцира Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ смета дека ваквото однесување на обвинителот Абази, само по себе е доволна причина истиот да не одолговлекува и веднаш да поднесе оставка од шеф на ОЈО ГОКК.
Мицкоски повторно диктира задачи за јавниот обвинител. Имаме скандалозно признание на Мицкоски дека разговарал со јавниот обвинител Ненад Савевски, од позиција на премиер и му дал насоки како да постапува Обвинителството, изјави Саша Димитрјевиќ од СДСМ.
„Секој што се огрешил нека одговара, но не може премиерот да врши притисок врз обвинителот, односно да му наредува. Судството и обвинителството во Македонија се под целосна контрола на Мицкоски и неговата организирана криминална група. Затоа нема правда во Македонија и затоа нема реформи, затоа сме заглавени и со блокиран европски пат. Секој што нема да го исполни тоа што го бара, станува медиокритет и талог на општеството. Новиот јавен обвинител, Савески, откако е дојден на функцијата, работи по нарачка на Христијан Мицкоски. Мицкоски дава наредби – Савески исполнува. Ако сака да сочува малку лично достоинство, најмалку што може да направи Савески е да си даде оставка, уште денеска“, рече Димитријевиќ.
ОЈО ГОКК вчера соопшти дека се затвора истрагата во случајот со ТЕЦ Неготино затоа што не биле собрани доволно цврсти докази кои ќе значат осудителна пресуда во судскиот спор што би се водел.






