Како што информира владината прес-служба, на денешната средбата се потврдени добрите односи помеѓу двете земји во областа на образованието, економијата, културата, одбраната и науката при што е констатирано унапредување на односите со најавеното потпишување на Анти-дрога меморандумот за разбирање, што ќе придонесе во зајакнувањето на заедничката борба против криминалот и корупцијата.
Поздравени се, се додава, направените реформи во оваа област во нашата држава, со коишто се смета дека се зголемени капацитетите на органите за справување со криминал и корупција. На средбата било оценето дека ги има предусловите да се продолжи на патот кон ЕУ, како и дека е ова стратешки значајно од безбедносен и економски аспект.
„Италијанската Република е стратешки сојузник и партнер во евроатлантските процеси на нашата земја, но и голем пријател, што се покажува преку споделената солидарност секогаш кога е тоа потребно, каков што е примерот со вакцините за време на пандемијата. Преку потпишувањето на Анти-дрога меморандумот ќе ја унапредиме заедничката борба против криминалот и корупцијата кон што сме силно определени. А со унапредувањето на институционалната соработка меѓу државите, отвораме пат и за унапредување на добрата економска соработка, што е од значење за граѓаните и за бизнисите”, изјавил Заев.
На средбата беа споделени искуства околу подигнувањето на јавната свест за значењето на вакцинацијата, како и околу почитувањето на мерките за заштита во услови на пандемијата.






