Коалицијата со Алтернатива функционира одлично, до овој момент, но доколку партијата на Африм Гаши реши да стане дел од Владата, тогаш тоа ќе биде крај на нејзиното постоење, изјавил за весникот Лајм пратеникот од Алијанса Халил Снопче.
Тој потсетува дека коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива беше формирана пред последните парламентарни избори и дека таа продолжи да функционира и на локалните избори и нагласува оти планот е да се дејствува заедно и за наредните парламентарни избори.
„Имаме коалиција која фактички одлично функционира, заедничката канцеларија ја користевме повеќе отколку посебните лични канцеларии и без проблеми постигнувавме консензус за сите прашања. Но се разбира, Алтернатива е автономен политички субјект и може преку своите органи да носи одлуки, како што одлучува што да прави со понудата на Заев“, вели Снопче.

„Ако Алтернатива реши да влезе во Владата, ние ќе продолжиме да дејствуваме од опозиција. Самите тие ќе создадат два размични табора“, изјави Снопче за весникот.
На прашањето дали неговиот партиски лидер Зијадин Села треба да поднесе оставка поради лошите резултати на локалните избори, Снопче одговара негативно:
„Негова оставка посакуваат негови политички противници, антиалбанските кругови во Македонија и во Владата. Ние нема да му бараме оставка, тој ѝ е потребен на партијата“, рече Снопче.






