четврток, 30 април 2026

Симовски: Конкурсот за попишувачи повторно продолжен, во некои региони нема доволен број пријавени

Објавено на

часот

Сподели

Директорот на ДЗС, Апостол Симовски во изјава за МКД.мк вели дека не е утврдено до кога дополнително ќе биде отворена апликацијата за пријавување, но се надева дека тоа нема да биде подолго од една недела и дека во тој период ќе се пријават доволен број кандидати.

Инаку, Конкурсот беше отворен на 20 јули и првично требаше да трае до 5 август, но поради летните одмори беше продолжен до денеска, 12 август. Со конкурсот се предвидува  ангажирање на 5.563 попишувачи и реонски инструктори, но во моментов проблем е што во некои региони има пријавено повеќе од потребниот број, а во некои многу помалку.

„Најмногу попишувачи фалат во дел од скопските општини, како и во општините со мнозинско албанско население, што значи Гостивар, Тетово и Кичево. Малку пријавени има и во Охрид, Струмица и Ново Село“, ни изјави Симовски.

Според него, ваквиот мал одѕив се должи веројатно на летните одмори, како и на зафатеноста на луѓето со земјоделски работи, но ќе продолжат со повиците и на локално ниво и се надеваат дека ќе дојдат до потребната бројка.

Заинтересираните кандидати кои ќе достават електронска пријава, потребните документи ги доставуваат исклучиво во хартиена форма по пошта до Државниот завод за статистика, ул. „Даме Груев“ бр.4 во Скопје, п.фах 506, најдоцна до 16 август 2021 година или на денот на закажаното тестирање во просториите каде што ќе се спроведе тестирањето.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија ќе се одржи од 5 септември до 30 септември 2021 година. Во меѓувреме продолжува електронското самопопишување на македонските државјани кои се на привремена работа или престој во странство. Досега, според податоците објавени на веб страницата на ДЗС, преку апликацијата за самопопишување се евидентирани вкупно 190.359 лица  од дијаспората.

Самопопишувањето на македонските државјани во странство ќе трае до 30 септември, кога завршува Пописот на населението, домаќинствата и становите.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ