четврток, 30 април 2026

Почит за загинатите резервисти кај Карпалак, бранителите незадоволни од односот на државата

Објавено на

часот

Сподели

Почит ма загинатите бранители им оддадоа делегација од Министерството за одбрана и Армијата предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ, претставници на Владата, од кабинетот на Претседателот, пратеници, општина Прилеп, семејствата на загинатите, политичките партии како и поголем број здруженија на бранителите како и граѓански организации.

Говор одржа државниот секретар Николиќ кој нагласи дека овој трагичен настан остави длабоки лузни во колективната меморија, а државата загуби десет свои сограѓани кои својот живот го ставија во служба на добро на државата.

„Албанските терористи тука го извршија еден од своите најсмртоносни напади убивајќи десет наши сограѓани, а повеќемина беа ранети и имаат и ден денес последици по здравјето. И денес останува нејасно како оние што го испратија конвојот, дозволија колоната да биде пуштена без преземени борбено – безбедносни мерки и покрај тоа што органите на одбраната и безбедноста имаа многу информации за присуство на припадници на УЧК во овој дел од земјата. Крајно време е, а и бранителите тоа го очекуваат, да се преземат мерки за расчистување на одговорноста. Ваквите дела на убијците не застаруваат, но досега никој не е изведен пред лицето на правдата”, рече Марин Најдов од Одборот на бранителите.

Преживеаните резервисти со мака и грутки во грлата се потсетија на трагичниот ден, но и говореа за негрижата на државата кон нив, и кон семејствата на бранителите. Меѓу нив имаше незадоволство од протоколот и беа уверени дека некој намерно го изменил во однос на тоа како овој настан беше одбележуван во минатите години. Тие изразија незадоволство и затоа што не се одржува местото каде е спомен плочата и затоа што нема споменик. Бранителите рекоа и дека со грижата на албанскиот политички фактор, многу е подобрен животот на борците од ОНА и нивните семејства, па дури и дека им се обезбедени пензии.

За статусот на бранителите говореше и Ацо Јованоски-Реган, возачот на автобусот, кој возејќи го запалениот автобус кон засолниште спаси многу животи од нападот кој продолжувал.
Почит кон загинатите бранители од синоќа се оддава и во Прилеп, пред споменикот во градот, како и на гробиштата на загинатите резервисти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ