„Полска покажува големо разбирање за позицијата во која се наоѓаме и прави напори да помогне во надминување на препреките со кои се соочуваме и тоа не само билатерално, туку и преку Вишеградската група, како и преку другите регионални форуми во кои членува“, рече Пендаровски.
Според Дуда, пак, двете држави како членки на НАТО заеднички споделуваат и покажуваат солидарност, но полската поддршка продолжува и понатаму.
Дуда пред медиумите се заблагодари за солидарноста од Македонија и од претседателот Пендаровски во делот на проблемите на границата со Белорусија со кои во моментов се соочува Полска.
„Ваквата солидарност има свои историски корени, најпрво во времето на Граѓанската војна во Грција кога голем број бегалци беа примени во мојата држава, а исто така и во 1963 по разорниот земјотрес во Скопје кога Полска повторно во знак на солидарност со Република Македонија достави помош, како и денешната донација на голем број дози на вакцини Фајзер. Чест ми е што можам да кажам дека таа солидарност продолжува и денес“, рече Дуда.
Тој говореше за случувањата на полско-белоруската граница и кажа дека во моментов се случува хибриден напад на границата на Полска која е и граница на НАТО, односно станува збор за Полска, Литванија и Латвија.
„Нападот е насочен кон полската граница која што имаме должност да ја обезбедуваме, но и секако да ја одбраниме територијата на Република Полска од нелегалната миграција. Ги правиме сите наши напори во поглед на тоа прашање и секако дека е од огромно значење поддршката која што ја добиваме од ЕУ и од НАТО која што и понатаму очекуваме да ја добиваме. Исто така, во моментов би сакал да искажам и благодарност до претседателот Пендаровски за неговото разбирање за овој клучен проблем со којшто во моментов се соочува мојата држава“, изјави Дуда.
Пендаровски истакна дека Полска отсекогаш била наш силен и гласен поддржувач и покажува големо разбирање за позицијата во која се наоѓаме.
„Веродостоен тест за кредибилноста на процесот на проширување ќе биде претстојниот Совет за општи работи на ЕУ во декември и можноста да направиме исчекор на тој пат. Поддршката за деблокада на нашите евроинтеграции е од исклучителна важност за стабилноста и просперитетот на целиот регион и дополнителен поттик за реформските процеси. Затоа во разговорите се осврнавме и на прашања кои се однесуваат на актуелната ситуација во регионот на Западен Балкан и во таа прилика ги споделив со претседателот Дуда нашите гледишта во врска со регионалните предизвици и отворените прашања“, рече Пендаровски.

Тој додаде дека како сојузници во НАТО разговарале и за актуелната состојба на полско-белоруската граница при што потврдил дека за нас како држава се целосно неприфатливи постапките на раководството на Белорусија со кои се оркестрира оваа хуманитарна криза.
„Продолжуваме да ја разгледуваме ситуацијата во рамките на НАТО и повикуваме на итно запирање на сите активности насочени кон натамошна дестабилизација на ситуацијата на границата на нашите сојузници Полска, Литванија и Латвија“, изјави Пендаровски.
Инаку, Дуда е во официјална посета на земјава, возвратна на посетата на претседателот Пендаровски непосредно пред почетокот на ковид-кризата. Тој во Вила Водно беше пречекан со сите државни и воени почести. Според најавата, Пендаровски и Дуда ќе положат и венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“.
Во рамки на официјалната посета на Македонија, претседателот Дуда ќе има средби и со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со премиерот Зоран Заев. Двајцата претседатели, исто така, ќе присуствуваат и ќе имаат обраќања на Македонско-полскиот бизнис форум што ќе се одржи во хотел Мериот.






