„Нема дилема дека ова мнозинство има над 61 пратеник, има неколку опции за тоа, но да не откривам детали, бидејќи преговорите се во тек“, порача Османи, во емисијата „360 степени” на Алсат телевизија која уште не е емитувана, а е снимена пред средбата на премиерот Заев со лидерот на Алтернатива Африм Гаши.
Во однос на ефектуирањето на најавената, па одложена оставка од премиерот Зоран Заев по локалните избори, Османи остана на ставот дека тоа не била добра одлука.
„Со нас не е комуницирано за повторно активирање на оставката на премиерот, нашиот став од првиот ден е ист дека ова е непотребен луксуз во ова време за државата. Сепак, се сменија околностите по локалните избори и сите треба да се прилагодиме на новите околности, приоритети кои се појавија и ризиците пред кои беше ставена државата. Очекувам оваа Влада да продолжи, со тоа што не го делам мислењето во јавноста во однос на реконструкција, повеќе го гледам како процес за пополнување на испразнетите места по оставките на функционерите на Беса“, рече Османи.
На прашањето кој е ставот на ДУИ за Влада со исто мнозинство, но со друг мандатар, Османи одговори:
„Ова мнозинство, кое беше релативно тесно, е постигнато преку прецизен баланс на сили во којшто премиерот Заев беше важна фигура за одржување на балансот. Мислам дека и ако ги имаме бројките на хартија, тешко ќе биде одржлив балансот на кое било мнозинство со изменети улоги и изменети страни кои го договориле ова мнозинство пред околу една година. Ние го имавме ова предвид кога укажувавме дека ова не е добра одлука и тоа се покажа по обидот за ново мнозинство во Собранието“, вели Османи.






