Во владиното соопштение се вели дека на состанокот со австрискиот министер бил „нагласен и поздравен посебниот придонес на премиерот Заев во стабилноста на нашата држава и на регионот“.
Линхарт ја истакнал силната поддршка од Република Австрија за продолжување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и конкретно за почеток на преговорите на ЕУ со Република Северна Македонија, во декември годинава, пишува во соопштението и се додава дека е изразен голем интерес од австриска страна за нови инвестиции во државава.
Премиерот Заев се заблагодарил за големата, пријателска, принципиелна поддршка од Австрија, како еден од најголемите поддржувачи на евро-атлантските перспективи на земјава и меѓу најголемите инвеститори во државава, но и за покажаната солидарност во време на пандемијата.

„Сработивме на реформски план, покажавме лидерство во решавањето на добрососедските односи низ дијалог, пример сме во регионот за функционално мултиетничко општество едно и еднакво за сите и очекуваме од Европската Унија да го испорача ветеното и во најскоро време да ги почнеме преговорите со ЕУ. Имаме стабилно парламентарно мнозинство, очекуваме и зголемување на мнозинството, не очекуваме предвремени парламентарни избори – напротив до редовните избори во јуни 2024 година Владата ќе се посвети на силен развој на економијата”, истакнал на средбата премиерот Заев.






