„Добар ден, ве молам, треба да ја продолжам возачката дозвола, кога би можел да добијам термин?“, беше нашето прашање на телефонскиот број 072 929292 на МВР за закажување термин, со локал бр. 1 за разговор со оператор на македонски јазик, откако во нашата редакција се јавија повеќе граѓани да алармираат за проблемот дека не можат навремено да ја продолжат возачката дозвола.
„Имаме термин во август за замена на возачки дозволи“, љубезно ни одговори операторката.
„Како може деновиве да добијам термин?“
„Доколку побарате продолжување на возачката дозвола по итна постапка. Се наплаќаат 840 денари, плус таксата наведена на интернет-страницата. Но имаме само двојазични обрасци за возачки дозволи, на македонски и на албански јазик“, одговори операторката.
На прашањето зошто е тоа така и имам ли право како Македонец да барам возачка дозвола и на албански јазик, добивме потврден одговор, со напомена дека можеме и да си почекаме до август.
Побаравме објаснување од Министерството за внатрешни работи. Дали се работи за недостиг од обрасци поради некоја јавна набавка или проблемот е од друга природа. Од МВР потврдија дека постои проблем.
„Во моментов од технички причини има мал застој, но набрзо се очекува да пристигне пратка со обрасци, со што ќе се надмине застојот“, одговорија кусо од МВР за МКД.мк.
Инаку, за продолжување (замена) на возачка дозвола потребно е да се платат 170 денари за административна такса плус 280 денари за образецот за дозволата, а доколку се оди по итна постапка, тогаш наместо 280 денари, треба да се уплатат 840 денари.
П.Џ.






