„Пендаровски е исчезнат, јас не знам каде е освен што мене ме критикува по нарачка“, рече Мицкоски во Страчинце, општина Гази Баба.
На прашањето дали би прифатил лидерска средба, одговори дека не гледа на која тема, повторно критикувајќи го Пендаровски.
„Лидерска средба секогаш може да се случи, но не гледам на која тема. Со кого сега да седнеме, со Пендаровски? Јас не сум го слушнал да излезе да побара да се обрати пред пратениците, да организира нешто“, изјави Мицкоски.
За Пендаровски, пак, „интересна” е изјавата на Мицкоски дека „исчезнал” и дека го нема во екот на енергетската криза со која се соочува земјата.
„Интересна е неговата изјава дека сум исчезнат, за него не бев исчезнат додека се обидуваше да направи парламентарно мнозинство од 61 пратеник. Одеднаш, според него исчезнувам откога му пропадна обидот да направи мнозинство од 61 пратеник”, рече Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање пред Самитот Македонија 2025.
„За мене е совршено јасно, но не знам колку за него е јасно дека Република Северна Македонија е парламентарна демократија, а не претседателски систем во кој претседателот ги повикува луѓето по свое наоѓање и им дели совети, лекции, им кажува што да направат. Знам дека во минатото имало примери на претседатели кои излегувале надвор од своите уставни позиции, но јас немам намера да го правам тоа”, рече Пендаровски.
Во однос на енергетската криза и нејзиното продлабочување, на прашањето дали има намера да свика седница на Советот за безбедност, Пендаровски изјави дека во оваа ситуација кога на владата заради прогласена тоа кризна состојба ѝ е овозможено брзо да репозиционира буџетски средства, не гледа потреба да се свикува и Совет за безбедност.






