Паралелно, речиси истите документи, со исклучок на ПЛФ формуларот, задолжителни се и за влез во затворените објекти во Грција, освен во супермаркетите, продавниците за храна, бензинските пумпи, аптеките и црквите, со оглед на тоа дека мерките воведени минатата сабота во Грција, важат и за туристите.
Со новата министерската одлука што стапи во сила утрово, а ќе важи до 26 ноември 2021 година во шест часот наутро, нема промени ни во однос на граничните премини. Како и досега, за влез од Македонија, отворени се сите и работат 24 часа.
Сите посетители „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ исто како и во изминатите шест месеци имаат четири опции, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со ковид-19. Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно.
Третата опција се однесува на оние кои прележале ковид-19 во изминатите шест месеци и може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест, а сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен резултат и неговата важност е до 180 дена подоцна.
Европскиот дигитален Ковид сертификат е четвртата алтернативна можност за влез во Грција.
Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.
Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар ПЛФ (Passenger Locator Form), што треба да биде пополнет преку линк на интернет страницата на грчката влада https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.
За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот, а од Турција преку Кастањес и Кипи дневно, дозволен е влез на 1.500 лица.
Од Македонија може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.






