И покрај отпорот од некои политички партии во земјата, позицијата на Холандија во однос на Албанија е значително променета и Хаг нема резерви за одржување на првата меѓувладина конференција со Тирана како што беше случај до сега. Холандија, како што изјавила Каг на дебатата со пратениците од парламентарната комисија за европски прашања, смета дека земјата ги исполнува потребните услови, а преговарачкиот процес на ЕУ врши доволен притисок за реформирање на судскиот систем и владеењето на правото за да се надминат колебањата на холандската јавност.
Таа се повикала и на геополитичката состојба на ЕУ во однос на другите големи сили присутни на Западен Балкан.
Со оглед дека и Европската комисија и повеќето земји членки на ЕУ не сакаат одвојување на Скопје и Тирана во овој момент на процесот, ќе треба да се види дали во наредните денови Софија ќе направи исчекор. Во спротивно, Бугарија би можела да биде одговорна не само за блокадата на Северна Македонија туку и на Албанија, објаснуваат дипломатите во ЕУ.
Утре холандскиот Парламент би требало да одржи уште една дебата на оваа тема, овој пат на пленарна седница, на која пратениците ќе заземат конечен став.






