ДИК веќе ги отфрли приговорите за избирачките места 547 и 547/1 поднесени од Алијансата за Албанците и Алтернатива, откако оцени дека е неосновано барањето да се поништи гласањето на избирачкото место 547 поради незаконско јавно гласање на еден гласач, кој не влегол во параванот за гласање и гласал пред сите членови на избирачки совет.
„Настанот се случил од 16 до 19 часот, а забелешката во ОИК Дебар е доставена после 23 и 55 часот. Овој приговор е неооснован. Ова не е основа за поништување на гласањето на избирачкото место. Биле обезбедени сите услови за тајно гласање, а таквото дејствие на гласачот не е основа да се поништи гласањето на избирачкото место, туку да се поведе прекршочна постапка“, изјави потпретседатлката на ДИК, Дитмире Шеху.
ДИК ја почна расправата и по приговорот што го поднесе коалицијата АА/А за пет избирачки места (0536, 0541, 0545, 0547 и 0547/1) за постапката за сумирање и утврдување на резултатите, со образложение дека записниците доставени во ОИК Дебар претпрпеле суштински промени во просторите на ОИК Дебар во присуство само на претседателот на Избирачки одбор – Дебар без присуство на другите членови. Членот на ДИК Кренар Лога побара комисија да изврши увид на избирачкиот материјал, а до Комисијата да биде доставен и записник од образецот 20 од страна на ОИК.
Седницата ќе продолжи по паузата што ја објави претседателот на ДИК, Александар Даштевски за подготовка за отворање на избирачкиот материјал.
Според првичните резултати на ДИК, кандидатот на ДУИ, Хекуран Дука, во вториот круг од гласањето за градоначалник во Дебар освои 4.291 глас, а неговиот противкандидат Беким Поцеста од Алијанса за Албанците и Алтернатива 4.153 гласови.






