Со договорот од Преспа ја принудивме ЕУ да го одмрзне процесот на проширување, да ја зајакне својата улога во регионот и да даде зелено светло, не само за Северна Македонија туку и за Албанија, вели поранешниот премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, во интервју за МИА. На тригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, Ципрас вели дека се воспоставил стратегиски однос на соработка и пријателство меѓу двете држави.
„Покажавме дека прогресивните сили навистина можат да го сменат светот и дека е изводливо изнаоѓањето заемно прифатливи договори, доколку постои почитување. Меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право. Не беше лесно за мене и за Зоран, ниту за Никос Коѕијас и Никола Димитров. Во преговорите имаше и несогласувања и конфронтации. Но, меѓу нас постоеше почитување и политичка волја дека работите треба да се променат кон подобро, без разлика колку и да е тешко. Така се гради пријателство и во политиката и на човечко ниво”, нагласува Ципрас.
Тој додава дека доколку беше и сега на власт, дека ќе инсистирал на доследно спроведување на Преспанскиот договор.
„Имплементацијата на Договорот не се одвива во лабораториски услови. Само со постојана комуникација, почит, упорност и градење доверба можеме заедно да им одговориме на оние кои сакаат да го поткопаат Договорот. Па така, високо ќе ја поставевме целта за спроведувањето на Договорот од страна на Грција и истото ќе го побаравме и од нашите пријатели. Во оваа рамка, како што беше случај со многу други јавни ентитети во Македонија, особено за време на владата на СИРИЗА, навремено ќе беше решено и прашањето со дресовите на репрезентацијата, на начинот предвиден во Договорот од Преспа”,
порачува Ципрас, споменувајќи и одржување на вториот Совет за соработка на високо ниво, за напредок за трговските ознаки, како и дека ќе беше спроведена одлуката од јуни 2019 година за учебниците во Македонија.






