вторник, 24 јуни 2025

Покрај Крмзов полицијата приведе уште двајца осомничени за даночно затајување

Освен струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, полицијата привела уште двајца осомничени во врска со истрагата за злоупотреби и затајување на данок, кои се проценуваат дека достигнале околу 15 милиони евра, соопшти денеска Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК). Обвинителството за утре најави средба со медиумите на која ќе бидат споделени детали од истрагата.

Објавено на

часот

Сподели

„Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници реализираа акција во која е обезбедено лице за кое во септември минатата година беше отворена предистражна постапка. Освен ова лице обезбедени се уште две други лица“, наведуваат од обвинителството.

За кривичните дела и дејствијата, Обвинителството најавува брифинг за утре во 11:00 часот во Конференциската сала на ОЈО ГОКК.

Полицијата изутринава го потврди апсењето на бизнисменот, кое било извршено по налог на ОЈО ГОКК.

„Од страна на полициски службеници по насоки од јавен обвинител од ОЈО за ГОКК лицето Р.К. е лишено од слобода“, потврдија од МВР.

Истрагата за случајот познат како „Крмзов“ е при крај, беше потврдено на средба со премиерот Христијан Мицкоски, во ноември минатата година и посочено дека наскоро ќе бидат објавени информации за злоупотреба на милионски суми поврзани со поврат на ДДВ на компании.

Во септември беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.

Истрагата на надлежните органи околу случајот „Крмзов“ покажува дека повеќе милиони евра од Еуростандард банка се префрлани на сметки во Турција. Истрагата, според објавите во медиумите, се шири на повеќе струмички компании, кои биле дел од шемата на струмичкиот бизнисмен Крмзов за злоупотреба на парите.

Премиерот Христијан Мицкоски на 16 септември, лани, во врска со последната акција за даночно затајување рече дека таа е една од низата вакви истраги што ќе следуваат во претстојниот период.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ