понеделник, 7 јули 2025

Почна расправата по ребалансот на Буџетот, СДСМ поднесе 160 амандмани

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет претпладнево почна дебатата по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година, во второ читање, за кој поднесени се над 200 амандамни. Потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска на прес конференција рче дека предложениот ребаланс на Буџетот наместо да понуди подобрување на состојбите во економијата е всушност доказ за целосниот неуспех на економската политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Објавено на

часот

Сподели

Вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот на 2025 година според проекциите на Владата ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент.

Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски образложи дека предложените измени и дополнувања на Буџетот се потврда на фискалната политика за неопходноста од консолидација и подобрено управување со јавните финансии. Се базираат, како што појасни, на непроменети макроекономски претпоставки и прилагодување на фискалните проекции кои на расходната страна обезбедуваат целосно финансирање и реализирање на стратешките приоритети и програмски определби без да се промени нивото на буџетскиот дефицит.

„Целта е непречено извршување на Буџетот и одржување на идентично ниво на буџетскиот дефицит планиран со иницијалниот Буџет. Со ревидираните фискални проекции се врши усогласување на расходите со досегашната реализација и очекувањата, односно се дообезбедуваат средства за исплата на плати, пензии, програмски и проектни активности со едновремено искористувања на средствата од предходните години на посебните сметки“, наведе Јанкуловски.

Потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска на прес конференција рче дека предложениот ребаланс на Буџетот наместо да понуди подобрување на состојбите во економијата е всушност доказ за целосниот неуспех на економската политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Овој ребаланс ја разоткрива вистината – дека економијата тоне, граѓаните се оставени сами на себе, а власта продолжува да се луксузира додека ги задолжува идните генерации. Со овој ребаланс нема пари за соодветно и заслужено покачување на платите на работниците, за поголеми плати во образованието, здравството. Нема пари за повредените и семејствата на настраданите во Кочани. Нема пари за нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните, за намалување на цените. Граѓаните се оставени сами на себе. Вака сиромаштијата ќе расте, граѓаните ќе имаат се помалку пари, а животот ќе биде потежок. Власта крати пари од граѓаните за да има повеќе пари за луксузирање на функционерите! Со овој ребаланс власта ги намалува субвенциите и социјалните трансфери за 30 милиони евра. Тоа е директен удар врз земјоделците, врз работниците, семејствата со ниски приходи, социјално загрозените. Истовремено, се зголемуваат трошоците за стоки и услуги за владата– значи за повеќе папаја, манго, приватни авиони и скапи авантури на функционерите. Ова е срамно понижување, Владата избра да го штити својот луксуз, а не стандардот на народот“, рече Лукаревска.

Според неа, јавните претпријатија се нова жртва на алчноста на власта.

„Со ребалансот, Владата сака да земе 70 милиони евра од неданочни приходи. Тоа значи – ќе им ги земат профитите на јавните претпријатија кои успешно работат. Наместо развој, инвестиции и подобри услуги, јавните претпријатија власта ги гуши, ги кочи, со што директно удира и по вработените и по економијата. За Фондот за ПИОМ власта одвојува дополнителни 35 милиони евра. Ова значи дека придонесите не се наплаќаат доволно, дека дупката во Фондот за пензиско се зголемува. Ако вака се продолжи идните пензии се доведуваат во прашање. Се зборува за ‘раздвижување’, но реалноста е сурова, до мај се реализирани само 22 отсто од планираните капитални расходи, а тоа е за 14 отсто помалку од истото време минтата година која ја нарекуваа катастрофа. Со овој тренд неможе да се исполни ни половина од тоа што се проектира. Празни ветувања, без реална имплементација. Ова значи или ќе имаме нов трет ребаланс, или нов дефицит, кој повторно ќе го плаќаат граѓаните. Нерелни бројки има и кај капиталните инвестици и кај растотот. Владата проектира мал раст од 3,7 отсто додека се фали со раст од 3 отсто. Но за економија во оваа состојба, тоа е ползење, не развој“, рече Лукаревска.

Таа направи споредба, споредба со 2021 година кога растот беше 4,5 отсто, во година после тешка криза. Со ова темпо, рече Лукаревска, Македонија никогаш нема да го стигне ни просекот на ЕУ, камоли нешто повеќе.

„Од ресорното Министерство за финансии зборуваат за наводно намалување на јавниот долг за 50 милиони евра. Но ја кријат вистината – во 2024 година јавниот долг порасна за 1 милијарда и 100 милиони евра. Државата ја заврши годината со рекордни 62,4 отсто долг од БДП, а над 90 отсто од зголемувањето е дело на оваа Влада. Во ребалансот ги нема 7 милијади евра од Британија. Тоа значи дека нема договор за изворите на парите, не се знае каматата,  не се знае ништо. Како тогаш се лицитира со проекти ако нема извори на финансирање и камати? Колкава камата ќе обезбеди Владата, дали ќе успее да најде пари со камата од 3 посто или 5 е голема разлика. Тоа останува да го видиме. Овој ребаланс е фискално нереален, социјално штетен и без развојна компонента. Затоа, СДСМ поднесува 160 амандмани со кои бараме поддршка да се исправат неправдите кои ги планира власта“, рече Лукаревска.

Општиот претрес и амандманската расправа треба да завршат за десет дена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ