„Со дејствијата опишани во диспозитивот на актот првообвинетиот, директор на ЈЗУ 13-ти Ноември – Скопје, сторил кривично дело – примање поткуп, а второобвинетиот се товари дека сторил кривично дело – примање награда за противзаконито влијание. Првообвинетиот за болнички прием на лице во тешка здравствена состојба, од сведок – давател на доживотна издршка на лицето, директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морало да го изврши. Второобвинетиот директно ја примил таквата корист за првообвинетиот за да со искористување на своето реално влијание интервенира да се изврши службеното дејствие што морало да се изврши од првообвинетиот. При примање на дел од договорената сума во износ од 20.000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата. Со Обвинителниот акт е доставен и Посебен предлог со кој обвинителството ценејќи дека не се променети околностите и нема услови за определување на поблага мерка за обезбедување присуство на обвинетите, предлага да се продолжи определената и продолжувана мерка притвор спрема двајцата обвинети“, соопштија од ОЈО ГОКК.
На почетокот на април годинава, директорот на специјализираната болница за Геријатрија Мухсин Арифи беше приведен под сомнение дека зел мито за да хоспитализира пациент и заедно со второосомничениот посредник во земањето мито им беа изречени мерки притвор.
Арифи, беше кадар на Алијанса за Албанците и беше назначен за в.д. директор на Геријатрија во јули минатата година од страна на тогашниот министерот за здравство, Арбен Таравари. Претходно беше директор на психијатриската болница во Бардовци. Поради ова, Арифи беше исклучен од партијата.
Овој случај се најде и на листата „бистро-матно“ на Транспаренси интернешенл за месец април.