петок, 17 април 2026

Нема поголем чин на човекољубие од органодарителството, лекарите повикуваат граѓаните да се приклучат на кампањата

Органодарителство во Македонија, е насловена јавната панел дискусија што вечерва се одржува во Кавадарци. Проф. д-р Билјана Кузмановска, анестезиолог и национален координатор за трансплантација, во изјава за медиумите рече дека настанот е дел од напорите да се подигне свеста за органодарителството.

Објавено на

часот

Сподели

Таа појасни дека тоа е граѓанска иницијатива, што има и институционална поддршка, се правеле карвани во повеќе градови, ова е веќе четврти ваков настан. Покрај, како што додаде, настапи по медиуми, едукативни настани. Кузмановска подвлече дека се трудат да го приближат органодарителството до сите луѓе и да одат од град во град да објаснуваат на младите, на публиката, на сите категории од населението, да ја разберат важноста за органодонорство.

„Денеска испишавме од болница, пациент кој што беше трансплантиран, прими орган од починат донор. Кога му кажав каде одиме, негова лична желба и замолница беше да кажеме дека е ваш сограѓанин, дека е жител на Кавадарци и дека е примател на орган и да го поддржиме органодарителството и да продолжиме со ова. Ова е порака од пациент кој штотуку доби орган“, истакна проф.д-р Кузмановска.

Проф. д-р Сашо Дохчев, хирург, уролог, шеф на тимот за трансплантација на бубрези при Универзитетската клиника за урологија – Скопје, како претставник на Клиниката за урологија, потсети дека Урологија има една успешна, приказна, долгогодишна, што е плод на заедничка соработка на различни стручни лица,  што треба да продолжи. И тој истакна дека е неопходно да се подигне свеста за органодарителство.

„Нема поголем чин на човекољубие од органодарителството. Затоа ги повикувам сите да се приклучат на оваа наша кампања. Да ги задоволиме сите наши пациенти на кои им требаат органи“, нагласи проф. д-р Дохчев.

Проф. д-р Сашко Јовев, специјалист по кардиохирургија од Државната кардиохирургија ја поздрави оваа иницијатива и повика да се вклучат што повеќе луѓе.

„Сметам дека токму овие средби многу ќе ја подигнат свеста на нашите граѓани, за органодарителство“, додаде проф. д-р Јовев.

Директорот на Клиниката за нефрологија, Никола Ѓорѓиевски ја поздрави иницијативата што е значајна за сите, особено за пациентите кои имаат потреба од трансплантација, а има за цел зголемување на свесноста за органодарителството.

„Органодарителството, особено кадаверичната трансплантација, претставува еден најхуман чин, еден чин на човекољубие, чин на солидарност, при што ние самите, помагаме еден на друг. Затоа и мојот апел, сите заеднички да помогнеме, да го подигнеме значењето на трансплантација“, порача д-р Ѓорѓиевски.

Модератор на настанот е проф. Ирена Ралева-Најдевска, овластен лектор, координатор на ЛМО при ОЕМУЦ, национален обучувач за финансиска писменост CEFE Македонија, координатор за Еразмус проекти и сопруга на пациент со двојна механичка потпора на срце (BIVAD) седум години, кој пет години активно чека донор на срце.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ