Во одговорот за МКД.мк од АХВ, стои дека во координирана акција со ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола, Институтот за јавно здравје – Скопје и инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, беа земени мостри од храна, како и брисеви од работни површини, раце и нос кај затекнатите вработени во кујната.
„Резултатите од анализите на вкупно девет мостри храна се негативни, односно кај нив не е утврдено присуство на патогени бактерии. Негативни се и резултатите од анализираните брисеви, што дополнително е потврдено и со контролниот координиран надзор. При него е констатирано дека операторот постапил по дадените наредби, односно извршено е темелно чистење и дезинфекција на објектите и опремата, спроведена е вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од страна на ЈЗУ ЦЈЗ – Битола, а сите вработени лица извршиле и вонреден санитарен преглед“, се вели во одговорот од АХВ.
Согласно утврдената состојба при контролниот инспекциски надзор, на 09.04.2026 година укината е забраната за вршење дејност – подготовка и послужување на храна, која беше издадена со решение на 25.03.2026 година.
Сепак, АХВ денес донесе ново решение со кое се забранува послужување на топол оброк (готвена храна) од шалтер во кујната во рудникот Суводол, сè до исполнување на потребните логистички услови за временски контролирано послужување и консумирање на храна за вработените, односно до обезбедување соодветна трпезарија.
Инаку, на крајот на март околу 120 вработени во комбинатот побараа лекарска помош поради стомачни тегоби, што беше повод за вонредниот инспекциски надзор.






