„Разговорите со ЗНАМ се водат за тоа дали за некои градоначалнички места ќе се оди со кандидат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ или на партијата ЗНАМ. Листите за советници ќе бидат посебни. Тие ќе си настапат со свои советнички листи и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со свои советнички листи. Кога ќе има конкретни детали, тогаш ќе излеземе во јавност“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека логично е соработката во Владата со Вреди да продолжи и за следните локални избори.
„Затоа што сум убеден дека онаа политичка сила кај Албанците, која што повеќе од 20 години се богати на грбот на македонските граѓани и пред сѐ на Албанците, онаа политичка сила која што наместо да направи добро за Албанците и за останатите граѓани во Македонија, таа правеше добро за себе. Недалеку од овде купуваше трговски центри, дуќани, го зголемуваше својот возен парк, формираа фирми преку ноќ, кои што добиваа тендери. Онаа политичка партија која што повеќе од 20 години ги опустошуваше градовите во Македонија, како што е случајот со Гостивар, од 85 на 59 илјади, треба да биде поразена и да замине во минатото и мислам дека овие локални избори се одлична можност тоа да се случи“, изјави Мицкоски.
Прашан за можна кандидатура на Изет Меџити во Општина Чаир, Мицкоски рече дека немаат разговарано на таа тема.
„Со Меџити соработуваме на дневна основа, работиме, се слушаме, разговараме, тој е еден од моите најблиски соработници во рамките на Владата. Секако тој одлучува за својата политичка служба во иднина, така што во овој момент немаме разговарано на таа тема околу кандидатурата за Општина Чаир“, изјави Мицкоски.