Прашан за тоа како побрзо до термини кај стручни медицински лица и дијагностика, тој рече дека се прави анализа, па ќе следува систем со реални решенија, систем поврзан со Мој термин и јасно дефинирани протоколи, за одење на еден пациент од примарно во секундарно, па во терцијарно здравство.
„Ќе имаме јасни индикатори за секој доктор, дали услугите што треба да ги нуди, во примарно и терцијално, ги нуди, или само прави редирект на пациентите од примарно на терцијарно здравство“, подвлече министерот.
Тој појасни дека податоците што ќе ги обезбедуваат во иднина, ќе им одговорат на многу прашања и предизвици во здравството, со цел нивно решавање, во интерес на пациентите.
„Исто така, тие податоци ќе ни дадат јасна слика каков тип на инфраструктура има во здравствениот систем. Во моментов, на пример, немаме јасна слика на човечки капацитети во здравството“, посочи Алиу.
Тој посочи дека веќе работат на тоа и наскоро најави транспарентни информации околу кадарот во здравството.
Министерот повтори дека секој петок од 10 до 15 часот, по 15 минути ќе траат средбите со заинтересирани во Министерството за здравство, што претходно онлајн ќе закажат средба. Три недели, од четврти јули па натаму, секој петок, средбите биле веќе закажани.
На истата прес-конференција, министерот Алиу најави дека набрзо ќе бидат отворени 300 нови слободни места за кадри од редот на приватните специјализанти.
„Болницата во Куманово нема да остане без операции, тој предизвик не е само за таа болница, туку и за цела Македонија, но и внатре во Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’. И тука, од една во друга клиника, во овој кампус, исто така, правиме таков тип на хоризонтална мобилност на профилите. Тоа се случува бидејќи досега креираните политики во здравството, за жал биле само врз основа на семејни или другарски односи, а не врз основа на реални потреби што министерството ги има за стручен кадар“, рече тој.
Тој рече дека набрзо ќе се отворат нови места за што има потреба.
„Ние набрзо ќе отвориме уште 300 слободни места за специјализанти, во профили од кои навистина имаме потреба. Немаме радиолози во државата, па затоа и таму се случува пациенти да чекаат со денови за резултати за читање на слики. Триста веќе беа објавени и се завршени, а 300 ќе се објават од наредната недела“, додаде Алиу.
Тој истакна оти битно е дека профилот мора да биде компатибилен со потребите на здравствениот систем.
„Ќе инсистираме на тоа“, истакна министерот Алиу.