вторник, 26 мај 2026

Младите политичари се обврзаа на унапредување на политичката и демократската култура

Подмладоците на политичките партии во Македонија денеска во Скопје потпишаа декларација за европски вредности и кохезија на настан организиран од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид, со поддршка на Европската Унија, по повод Денот и Месецот на Европа.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Со потпишувањето на декларацијата младите политички лидери се обврзаа на почитување и унапредување на заедничките европски вредности, меѓу кои дијалогот, кохезијата, демократската култура, одговорноста, почитувањето на различностите и солидарноста.

Раководителот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Стефен Худолин, истакна дека европската идеја е жива, динамична и постојано се гради преку заеднички напори, дијалог и инклузивност.

Худолин нагласи дека како одговорен за секторот за соработка и финансиската поддршка од ЕУ со задоволство присуствува на проект, кој, како што рече, „покажува што значи европската поддршка во пракса, особено во периодот кога ги славиме Европа, нејзините вредности и патот кон членство“.

Во своето обраќање тој потсети дека Европската Унија е создадена како одговор на историски кризи и дека денес претставува најдолгиот период на мир и просперитет на континентот.

Истакна дека европскиот модел се темели на дијалог, компромис и упорност и нагласи дека токму оваа способност за дијалог е суштината на европскиот проект.

Валентина Величковска од Граѓанскиот ресурсен центар, пак, рече дека европските вредности не се само политички определби, туку принципи што директно влијаат врз секојдневието на граѓаните.

Таа посочи дека особено значајна е пораката што ја испраќаат младите преку подмладоците на политичките партии – дека различностите не треба да бидат извор на поделби, туку можност за соработка и заедничко дејствување.

Во тој контекст Величковска го оцени потпишувањето на декларацијата за еднакви вредности и кохезија како важен чекор кон јакнење на довербата, политичката култура и општествената одговорност.

Учесниците нагласија дека со потпишувањето на декларацијата се испраќа јасен сигнал дека младите политички актери може да препознаат заедничка вредносна основа и да придонесат кон зајакнување на европските перспективи на државата.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ