Вучиќ, кој во неделата пристигна во Пекинг, на прес-конференција беше запрашан за еден неодамнешен извештај на Блумберг во кој се тврди дека Белград ризикува да ја премине црвената линија поставена од Европската Унија со прифаќањето кинеска воена технологија за своите вооружени сили.
„Прво ми забрануваа да разговарам со Русија. Сега ми забрануваат да одам и во Кина. Наскоро можеби ќе ми испратат список со кого смеам, а со кого не смеам да се среќавам“, рече Вучиќ.
Пристапот на Брисел кон Србија остава многу мал простор нејзината влада самостојно да носи одлуки, изјави Вучиќ и додаде дека Србија, иако е кандидат за членство во Европската Унија, не смее да биде третирана како земја без сопствен суверенитет.
„Очигледно некои би сакале само да му се покориме на секој факс или имејл што ќе стигне од некој центар на моќ“, изјави српскиот претседател.
Европската Унија со години бара од Србија да ја усогласи својата надворешна политика со Брисел, вклучително и воведување санкции против Русија и појасна поддршка за Украина, како услов за напредок во пристапниот процес.
Вучиќ ја обвини Унијата и за двојни стандарди, тврдејќи дека денешната Европа е далеку од принципите на слободна трговија што ги промовираше претходно, а сега се свртува кон протекционизам, особено кога станува збор за Кина.
Неговите изјави доаѓаат во чувствителен момент, по новиот бран антивладини протести во Белград. Демонстрациите, кои почнаа по трагедијата на железничката станица во Нови Сад во 2024 година, продолжуваат да вршат притисок врз српската власт. Вучиќ, сепак, ги отфрли повиците за предвремени избори и порача дека ќе го заврши претседателскиот мандат.
Критичарите на српскиот претседател сметаат дека неговото балансирање меѓу Брисел, Москва и Пекинг сè повеќе ја оддалечува Србија од Европската Унија, додека официјален Белград тврди дека води самостојна и прагматична политика во национален интерес.






