сабота, 16 мај 2026

Милошоски: Абази и Коларевиќ намерно ги испуштиле извештаите на ДЗР за случајот „Мазут”

По однос на скандалозната одлука на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, мазут вреден 167 милиони евра, може да констатираме дека таму функционира еден тандем. Тандемот се обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ коишто се нешто како коалиција ДУИ-СДС, но не во собраниските клупи, туку во обвинителството за криминал и корупција, изјави денеска на прес-конференција членот на Извршинот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Антонио Милошоски.

Објавено на

часот

Сподели

Милошоски забележува дека „дури и во прибирањето на докази можевме да забележиме дека овие обвинители биле селективни“.

„Со вчерашниот демант на ЕСМ станува јасно дека обвинителите Абази и Коларевиќ повеќе се занимавале со земање на изјави од некомпетентни лица наместо да истражуваат сериозно и да обезбедат докази за оваа набавка на мазут скапа 167 милиони евра. Исто така може да се заклучи дека биле селективни и не ги ни прочитале извештаите на релевантните органи како што се Државниот завод за ревизија и слични на нив. Државниот завод за ревизија во 2024 година утврдил дека при оваа милионска набавка се испорачувал мазут од различен добавувач од оној којшто бил утврден во договорот на ЕСМ, ТЕЦ Неготино и добавувачот и второ, стручни лица од ЕСМ утврдиле дека мазутот бил со голем број на нечистотии коишто предизвикувале дефекти во мазутната станица на ТЕЦ Неготино“, рече Милошоски.

И покрај ваквата утврдена лоша состојба и квалитет на мазутот, потсети Милошоски, сепак ТЕЦ Неготино склучил анекс за да може овој скап договор да ја достигне сумата од 167 милиони евра.

„Но очигледно е дека ваквите извештаи на Државниот завод за ревизија не биле забележани од Абази и Коларевиќ коишто поголемо внимание посветувале на изјави коишто им одговараат од некомпетентни лица наместо да ги земат во предвид релевантните извештаи коишто даваат сериозни индиции дека овој скандал вреден 167 милиони евра е поврзан и со направена штета во ТЕЦ Неготино, но исто така и со перење на пари и стекнување на противправна имотна корист“, изјави Милошоски.

Тој дополни дека за Абази и Коларевиќ, ВМРО-ДПМНЕ смета дека не се достојни на функцијата да бидат во Јавното обвинителство за гонење на криминал и корупција, затоа што и двајцата имале свои лични, семејни или политички долгови за нивниот кариерен напредок, а истите се поврзани со политичките партии ДУИ и СДСМ.

„Овој јавнообвинителски тандем Абази и Коларевиќ повеќе е приврзан за нивните ментори Заев, Ахмети и Венко Филипче отколку што е посветен на владеењето на правото и гонењето на организиран криминал и корупција. Со вакви обвинители осомничените како Васко Ковачевски, Јахоски, Сулкоски, Капушевски, Адријан Муча и други секогаш ќе бидат слободни луѓе, наместо да бидат изведени при лицето на правдата. Затоа уште еднаш повикуваме Советот на јавни обвинители да се позанимава со овој случај, да го истражи постапувањето на Абази и на Коларевиќ и да утврди кои намерни или ненамерни пропусти се направени, а се со цел овој милионски скандал наречен мазут и набавка за ТЕЦ Неготино да биде исфрлен од истрагата којашто е донесена со решение на овие двајца обвинители“, рече Милошоски.

Истовремено, дополни тој, ВМРО-ДПМНЕ сака да им порача дека „нивната лукративна одлука или политички инспирирано решение да ја запрат истрагата нема да ја сокрие вистината и сите факти поврзани со овој скандалозен тендер ќе излегуваат на виделина“.

„Сепак мислиме дека јавноста ја заслужува вистината, а секој којшто бил инволвиран и има сомнежи за висок криминал и корупција заслужува да биде процесуиран и својата невиност или вина да биде докажувана пред суд“, заклучи Милошоски на денешната прес конференција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ